Министерот Бесими ја предаде во употреба сервисната станица на втората механизирана пешадиска бригада во кичевската касарна

Министерот за одбрана Фатмир Бесими придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески денеска ја предаде во употреба станицата за сервис на возилата на Втората механизирана пешадиска бригада во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево.

За време на посетата Бесими и Котески се запознаа со активностите на командата на „армиските леопарди“, а беше остварен и контакт преку интернет видео-врска со македонските мировници во Кабул, Авганистан.

За министерот Бесими, ова се позитивни примери.

- АРМ и Република Македонија со ова испраќаат три пораки. Прво дека сме подготвени за влез во НАТО, давајќи конкретен придонес за глобалниот мир со учество во мировните мисии. Докажуваме на дело дека има високо ниво на соработка со цивилниот сектор и на дело го гледаме спроведување на концептот „смарт-дефенс“ (паметна одбрана), изјави Бесими по пуштањето во употреба на сервисната станица.

Според Методија Величковски командатот на 2. механизрана пешадиска бригада, за опремување на сервисната станица се потрошени минимални средства, а свој придонес дале и повеќе институции од кичевската општина.

Високите гости од Генералштабот на АРМ и МО, имаа можност да ги видат новите стрелана, кабинетите за обука и тактичкиот центар.