Премиерот Заев на средба со директорот на ИРИ за Европа Сурочак: Поддршката за реформските процеси и за нашите евро-атлантски аспирации се силна мотивација
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска го прими во посета директорот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Европа Јан Сурочак.
Директорот за Европа на Меѓународниот републикански институт Јан Сурочак се заблагодари за исклучителната соработка со Владата на РМ на повеќе проекти, и изрази подготвеност, низ средбите што ги остварува овие денови, за нови и заеднички иницијативи.
Во разговорот со премиерот Заев, господинот Сурочак истакна дека во САД ќе замине со позитивни пораки за Република Македонија, и дека ќе ја пренесе пораката дека земјата се движи со силни чекори во вистинската насока, како на домашен, така и на меѓународен план.
Претседателот на Владата на Република Македонија и во оваа прилика го истакна пријателството со САД во однос на стратешките прашања за Република Македонија, и нагласи дека соработката со институциите и организациите од Америка е особено драгоцена поддршка.
Премиерот Заев на средбата информираше и за актуелниот политички момент во земјата и ја потенцираше заложбата на владата да го поттикне дијалогот и соработката на опозицијата, особено во делот на обезбедување на функционална работа на Собранието на Република Македонија, во пресрет на остварувањето на исклучително важните реформи и за особено значајните претстојни политички процеси во однос на аспирациите на земјата за членство во НАТО и ЕУ.