Увид во градежни работи на автопат Неготино-Демир Капија
Изјава на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈПДП Зоран Китанов, од денешниот увид во градежните работи на автопатската делница Демир Капија-Неготино.
Денеска со директорот на ЈП за државни патишта извршивме увид во рехабилитацијата на автопатот Неготино – Демир Капија.
Станува збор за проект со вредност од 5 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.
Се работи за целосна реконструкција на оваа автопатска делница во двата правци и тоа Неготино –Демир Капија и обратно. Како што ме информираше надзорот, 7 километри од десната лента е комплетно завршена и во многу скоро време ќе се пушти за сообраќај. Потоа градежната компанија ќе премина на реконструкција на левата лента и според планираното очекуваме комплетно автопатот да биде завршен ова лето.
Сакам да истакнам дека со завршувањето и на оваа делница ќе имаме комплетно реконструиран автопат на Коридор 10. Ова го велам бидејќи:
- автопатот од Куманово до Миладиновци е веќе реконструиран во двата правци,
- потоа се рехабилитираше оштетената возна лента на делницата Велес – Градско,
- следниот месец ќе ја пуштиме во употреба автопатската делница Демир Капија – Смоквица.
- рехабилитацијата на делниците Смоквица – Гевгелија и од Гевгелија до граничниот премин Богородица е завршена и овие патни правци се веќе пуштени во употреба.
За неколку месеци, со завршувањето на градежните работи на оваа делница, Република Македонија ќе има комплетно рехабилитиран модерен и ефикасен Коридор 10.
Веќе го најавивме инвестицискиот циклус што го започнуваме и тоа инвестиција од преку 270 милиони евра и изгардба и реконструкција на патна мрежа од преку 800 километри.