Премиерот Заев: Има позитивен исчекор во разговорите за името, и јас сум поголем оптимист после средбата Димитров-Коѕијас во Виена со посредникот Метју Нимиц

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, на настанот Ден на буџетот во Собранието на РМ, на барање на новинарите одговараше на повеќе новинарски прашања што овде ви ги пренесуваме во целост:

 

 

Премиере, опозицијата најави дека се враќа во Пленарната сала и ќе учествува активно во поддршката на системските закони коишто се потребни за нашите реформи за ЕУ интеграциите и НАТО. Меѓутоа денеска имаме еден нов момент, тие го условуваат своето враќање со ставање на дневен ред на седница на Парламентот, на интерпелација на Владата? Каков е Вашиот коментар? Дали ова е искрена намера да се вратат?

Премиерот Заев: Јас, прво ја поздравувам одлуката на опозицијата да се врати во Парламентот. Така ќе имаме функционална демократија, функционален Парламент и тоа е минимум нешто што граѓаните на Македонија го очекуваат.

Дијалогот со опозицијата, навистина се движи во добар правец. Работните групи работат и голем дел од законските решенија се усогласени, ако не веќе и конечно, комплетно се усогласени. Тоа значи дека очекувањата се, до 17-ти, кога го очекуваме Извештајот за Македонија, да ги донесеме законските решенија во Парламентот. Претседателот на Собранието, ми рече дека планира на 10-ти, да се одржи седница на која што се токму овие решенија кои што се дел од пакетот 3-6-9, а се дел и од севкупните реформи во Македонија и веќе се усогласени со опозицијата. Во тоа име јас секако верувам дека ќе се најде време и за потребите на опозицијата, но и за реформите. Секако, нивно право е да поднесат интерпелација за работата на Владата, но истовремено мора да водиме грижа и за самите закони да се донесат до предвидениот рок, заради тоа што, не би сакале на ниту една земја-членка на ЕУ да им оставиме причини за изговор, за било што, заради тоа што, кога веќе ги имаме усогласено законите. Јасно е дека постои речиси консензус во Парламентот да се донесат ваквите решенија. Не треба да оставиме да не ги донесеме до затворање на извештајниот период, а тоа е до 17-ти, односно еве до 16-ти буквално, да завршиме.
Веројатно, Претседателот на Парламентот, г-динот Талат Џафери ќе одлучи кога ќе биде поднесена иницијативата, па соодветно на тоа, да ја стави и на дневен ред. Верувам, дека има и деловнички рокови за ваквите работи. Мораме сите да водиме грижа и за правата на опозицијата, но и за потребите на Република Македонија во интеграцискиот процес.

 

Премиере, дали имавте средба со министерот за надворешни работи во врска со името и претпоставувам и дека сте информирани веќе. Зошто се донесе одлука за поединечно информирање на членовите на државниот врв и опозицијата во однос на разговорите за името. Вчера, проструи една информација дека треба да имате лидерска средба?

Премиерот Заев: Ние, информиравме, сите учесници на политичко државниот врв, за денеска за лидерска средба во 13:00 часот.

Но, веројатно и заради други агенди на дел од учесниците, од опозицијата пред сè, беше побарано овој напредок сега што е постигнат во разговорите да биде споделен на билатерални средби на министерот за надворешни работи со мене, со претседателот на државата, претседателот на Парламентот, со шефот на опозицијата, г-динот Мицковски и со господинот Али Ахмети, а негде, после Велигден, ако можеме, на 10-ти на пример, да се одржи и лидерска средба, пред сè и како давање и насоки и сугестии пред следната рунда разговори што ја очекуваме после Велигденските празници.

Тоа беше нивно барање и ние го прифативме, сè со конечна цел сите да бидат информирани и заедно да ги градиме стратегиите со конечна цел, решение на проблемот со името. Јас сум денеска информиран. Во 9 часот утрово, имав едночасовна средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Ги знам сите детали и драго ми е што можам да потврдам дека има позитивен исчекор во разговорите.

Секако, тоа е само исчекор. Тоа дава можност, навистина преку еден навистина отворен, пријателски начин двајцата министри слободно да разговараат за секој сегмент на чувствителноста на прашањата со конечна цел да се изнајде решение за проблемот со името. Ако некој ме праша, дали сум повеќе или помалку оптимист или позитивен, јас сум повеќе позитивен и поголем оптимист после оваа средба која што Димитров ја имаше со Коѕијас во Виена под раководство на посредникот Метју Нимиц.

 

Премиере, спомнавте пред малку, дека не би сакале предвремени Парламентарни избори, но исто така медиумите шпекулираат од време навреме за проширување на Парламентарното мнозинство. До каде се преговорите, со опозицијата, посебно со албанскиот дел во овој случај?

Премиерот Заев: Значи, јас, разговарам со пратеници. Да, дел се албански политички партии, дел се од политички партии од помалку бројните други етнички заедници во РМ. Се надевам дека ќе успееме да го покачиме бројот на парламентарното мнозинство. Тоа ќе даде стабилност на парламентарното мнозинство и стабилност на владините политики, во време во кое очекуваме решение за проблемот со името, во време кога очекуваме датум за почеток на преговорите, поканата од НАТО, реформски процеси кои што се движат во државата. Важно е, тоа за мене.

Да споделам со јавноста, моја перцепција и перцепција на Владата е дека не треба секогаш да се брза, на парламентарни избори. Ќе добиеме покана за НАТО, ќе почнеме преговори, тоа не треба да значи дека треба веднаш да се оди на избори. Вака споделената информација за бизнис секторот значи можност да планира на еден подолгорочен рок. Граѓаните, исто така да ги планираа своите активности, сите чинители во Република Македонија. Го кажувам тоа што зависи од мене. Секако, ако некој друг продуцира, или направи пресија, или има причини за таа работа, оставаме отворена можност. Добро е да знаат сите, дека не сме, секогаш за вонредни парламентарни избори, туку треба Македонија да оди во циклуси на четири години. Тоа значи стабилност и тоа значи полесно предвидување на иднината на она што е пред нас. Во тоа име е секако и една од желбите да порасне парламентарното мнозинство и тоа е една од тие причини.

 

Дали сте оптимист околу парламентарното мнозинство бидејќи некои процеси и разговори ги имате започнато?

Премиерот Заев: Јас сум оптимист бидејќи некои пратеници што се вон парламентарното мнозинство, се за политиките на владата. Тоа го покажуваат преку своето гласање во парламентот, преку своите ставови, и јас го препознав тоа. Тоа е основната причина за да разговарам со двете, поделени страни на Беса. За мене и двете страни се во функција, многу слични, ако не скоро исти, и со политиките на владата. Интегративните процеси, реформските и економските процеси, се исто така важни. ДПА со своето учество во парламентот, многу често и со еден пратеник, ги поддржуваат политиките. Гласаат за закони и решенија што ги предлага владата. Демократската партија на Турците е исто така тука. Гледам амбиент и кај некои други пратеници во парламентот кои што поддржуваат вакви политики. За мене тоа се државни политики и прашање е на перцепција или ставови за ваквите политики. Ако во суштина политичките партии и пратеници кои ги поддржуваат овие политики се подготвени да ги поддржуваат и како парламентарно мнозинство, со задоволство би ги вклучиле во коалиција и би воспоставиле соработка и на тој начин заради интересите на државата.

 

Бидејќи сме во парламентот, не можеме, а да не ве прашам за Законот за употреба на јазиците?

Премиерот Заев: Јас останувам на тоа што последно го споделив. Правни тимови работат на решението. Законот за јазиците треба да го доживее светлото на денот од проста причина што треба да видат сите дека ништо драматично во Македонија нема да се промени, дека не е болка за умирање, дека со видувањето на светлото на денот со овој закон конечно ќе го исполниме Охридскиот рамковен договор и ќе можеме сите партиципиенти да се насочиме на она што живот значи за граѓаните. Правните тимови го бараат начинот и ќе го најдат. Мора да го најдат за да може парламентот да ја изврши својата функција. Парламентот по трет пат гласаше, и тој закон мора да дојде и да заживее во Република Македонија. Ваквото џебно вето, не знам какво вето, е против парламентарната демократија. Постои решение, и убеден сум дека ќе го најдеме. Штом правните тимови ќе го споделат со мене, веднаш ќе го споделиме и со јавноста.

 

Дали ќе го разрешите директорот на Агенцијата за млади и спорт после срамот што го направи во оваа институција? Бидејќи се случува во меѓуетничкиот план, и порано во минатата влада имаше вакви случаи, но сите поминуваа само со барање за извинување. Дали е тоа доволно? Така нема да има разлика меѓу тогашната и сегашната власт.

Премиерот Заев: Јас сум човек кој секојпат ги гледа работите во сите свои детали. Иако тој е покровител, т.е. потпишува налог за проект, за млади поети и младински политики.

Тој навистина не е должен да чита сè што има во материјалот, ниту пак е должен да го провери целиот материјал. Јас како градоначалник имав помагано финансирање на книги. Јас и како комерцијален директор имам помагано финансирање на книги и издавање. Не сум ги читал сите тие книги и сите тие детали внатре. И од таа причина не сум човек кој веднаш разрешува луѓе.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт е добар кадар кој што покажа добри резултати и добро ја води институцијата. Денеска ќе имам состанок со него. Сакам да ги видам сите детали и од овој аспект, токму преку него гледани, заедно ќе донесеме одлука за оваа работа, но споделувам тоа што во моментов го чувствувам.

Истовремено и јас осудувам ваков вид на дискриминација, ваков вид на погани зборови испратени во јавноста. Не личи да се пишуваат вакви работи. Апсолутно институциите мора да бидат внимателни, но истовремено знаете дека многу мал дел од нив по структура и се променети. Функционираат стари комисии, раководителите на сектори ни се стари, законите се бетонирани, буквално не можете да поместите раководител на сектор без негов исказ. И тоа е тој што меѓу другото ги креира политиките внатре. Зборувам за сите институции. Така што, веднаш не треба да се бара одговорност ако во суштина не постои и во деталите таквата одговорност.

Ќе разговарам и одлуките по тоа прашање потоа ќе ги споделиме со јавноста.

 

Мицковски бараше писмени гаранции за законите што ќе ги поддржат. Така изјави. Подготвени сте да дадете такви гаранција?

Премиерот Заев: Јас некаде го прочитав тоа. Не знам на што се мисли со тоа. Писмени гаранции се пред сè опозицијата да биде доволен контролен механизам и да ја врши својата уставна улога, дека законите ќе се спроведуваат во Република Македонија.
Јас како прв во извршната власт, Премиер на Република Македонија, со огромна желба ќе бидам посветен за комплетно имплементирање на законските решенија, и од реформскиот процес и севкупните закони. Но, се надевам и дека сите институции кои што ќе бидат задолжени за имплементирање на ваквите закони ќе бидат целосно посветени. И, конечно, се надевам дека и менталниот склоп во Македонија ќе го промениме, за да покажеме резултат.

Законите ќе бидат добри. Усогласени се по пат на дијалог, што е вредно и за поздравување, и тоа е супер. Но да бидеме и поодговорни, по посветени на имплементирањето, оти речениците, членовите во законот имаат и своја душа. Мора таа душа буквално да ја реализираме.