Средба помеѓу Вицепремиерот Анѓушев и словенечкиот министер за економија Почивалшек: Словенија и Македонија имаат голем потенцијал за економска соработка
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со министерот за економски развој и технологија на Република Словенија, г-дин Здравко Почивалшек.
На состанокот се разговараше за економската соработка помеѓу двете земји, како и за интензивирање на соработката во туризмот и во земјоделието.
Вицепремиерот Анѓушев му пренесе на министерот Почивалшек дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој се овозможува примената на мерките од Планот за економски раст е влезен во собраниска процедура и истакна дека со овој Закон се очекува раздвижување на економијата во земјата, нови инвестиции и побрз технолошки развој, при што ги покани словенечките компании да инвестираат во Македонија.
„Mерките од Планот за економски раст се исклучително атрактивни и поволни за компаниите. Убеден сум дека словенечките компани ќе ја препознаат можноста за проширување на своите бизниси токму во Македонија. Мерките се концепирани да бидат исти за сите и преку нивна имплементација се поттикнува технолошкиот развој и внесување на иновативни решенија во компаните, со што ќе се зголеми продуктивноста, квалитетот и конкурентноста на компаниите и ќе овозможиме повисок економски раст на македонката економија“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
На средбата се разговараше и за можностите за соработка во туризмот, при што министерот Почивалшек истакна дека туризмот во Словенија изнесува околу 2,7 милијарди евра, односно околу 13% од БДП. Тој посочи дека бањскиот туризам во Словенија учествува со дури 40% во вкупните приходи од туризам и нагласи дека словенички компании се заинтересирани за инвестирање во оваа гранка во Македонија.
„Словенија има добро поставен концепт за развој на бањскиот туризам. Користејќи го Вашето искуство, треба да поставиме здрава база за развој на оваа гранка и во Република Македонија, а потоа инвестициите многу полесно и поефективно би се реализирале“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Во поглед на соработката во земјоделскиот сектор, министерот Почивалшек потенцираше дека македонскиот земјоделски производ во Република Словенија се препознава како врвен квалитет и дека Македонија треба да ги искористи природните услови за да ги максимизира ефектите од земјоделието.
Во 2017 година Република Словенија беше петнаесетти по вредност трговски партнер на Република Македонија со вкупна вредност од околу 390 милиони евра и пораст во трговската размена од 11% во однос на 2016 година, додека странските директни инвестиции од оваа земја изнесуваат околу 375 милиони евра, со што Словенија е позиционирана на петтото место во однос на странските директни инвестиции во Република Македонија.