Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор ги разгледа предложените законски решенија за судовите и за Судскиот совет
Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, вчера, попладне, ја одржа својата втора седница. По усвојувањето на записникот од Конститутивната седница, Советот го усвои и Деловникот за работа.
Членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор своите дебати на втората седница ја насочија кон Предлог – Законите за судовите и за Судскиот совет, за кои што заменик-министерот за правда, Оливер Ристевски, појасни дека веќе в среда, после празниците, пратениците во Собранието на РМ ќе расправаат по предложените измени.
Во дискусиите на членовите на Советот акцент беше ставен на предложените законски одредби кои се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во предлог законот кои се однесуваат на нивната заштита, а се со цел да се постигне што поголема независност на судството и враќање на дигнитетот на судиите.
Заложбите на членовите на Советот за реформи е во склад со извештајот на Прибе, а во кој се сугерира судиите да се оценуваат исклучиво врз основа на донесените пресуди.
Членовите на советот имаа одредени забелешки и за Предлог-Законот за Судски совет на Република Македонија.
На вчерашната, втора седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, присуствуваа и претставници на ОБСЕ кои најавија нивно редовно присуство и поддршка и во наредниот период.