Премиерот Заев на чествувањето на Светскиот ден на Ромите: Определени сме да ги следиме и сите препораки од Европската Платформа за вклучување на Ромите
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа присуствуваше на чествувањето на Светскиот ден на Ромите во Македонската опера и Балет.
Во обраќање пред присутните гости на свеченоста, меѓу кои беа и претставници на дипломатскиот кор, пратеници од Собранието на Република Македонија и министри од Владата на Република Македонија, честитајќи го празникот, Премиерот Заев истакна дека општината Шуто Оризари е единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и каде што ромскиот јазик е официјален јазик покрај македонскиот јазик.
Тој потсети дека од 2001 година, со направените уставни измени, и Ромите се рамноправен народ во Република Македонија, и додаде:
„Се изборивме лани, заедно, за изградба на Република Македонија во Едно општество за сите, со еднакви права и должности пред законот. И се почувствував гордо за овие придобивки, со коишто сигурно се гордеете и вие, што не беше лесно ни да се постават како цел, ниту да се дојде до нив. Но факт е дека мора да се постигне ниво на достоинствени услови за живот кон што сме насочени.
Претседателот на Владата на РМ нагласи дека Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, освен што е бележник на ромската култура е и ден на граѓанската свест, и повика на уште повисока граѓанска свест за потребите на граѓаните Роми во нашето општество!
„На сите нас, од сите националности и вери, деца, стари, возрасни, ни требаат и образовни и културни права - но потребен е и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се граѓаните Роми“, рече Премиерот Заев.
Тој укажа на фактот дека веќе се направени првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието, на што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во рамки на централната власт и во соработка со општините и со граѓанските организации, и истакна некои од поважните активности како што се проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи во текот на учебната 2017-2018, основањето на 12 ромски информативни центри, во 12 општини. Се работи активно на терен, на информирање, советување, повикот до сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, да поднесат барање за дополнителен упис, Програмата за ослободување од плаќање здравствена партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош, Имплементацијата на новиот Проект за социјално мапирање, финансиран од Европската Комисија, како и повеќе други иницијативи за социјална кохезија и еднаков развој во општеството.
„Сакам да потенцирам дека силна е политичката волја на Владата на Република Македонија, за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија. Со овие ангажмани се постигнува изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјава. Определени сме да ги следиме и сите европски препораки, меѓу коишто е и Европската Платформа за вклучување на Ромите“, рече премиерот Заев на свеченоста по повод Меѓународниот ден на Ромите.
Целосно обраќање на Претседателот на Владата на Република Македонија на Светскиот ден на Ромите:
Во Република Македонија, општината Шуто Оризари е единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и каде што ромскиот јазик е официјален јазик покрај македонскиот јазик. Од 2001 година, со направените уставни измени, и Ромите се рамноправен народ во Република Македонија. Се изборивме лани, заедно, за изградба на Република Македонија во Едно општество за сите, со еднакви права и должности пред законот. И се почувствував гордо за овие придобивки, со коишто сигурно се гордеете и вие, што не беше лесно ни да се постават како цел, ниту да се дојде до нив. Но факт е дека мора да се постигне ниво на достоинствени услови за живот кон што сме насочени.
И бидејќи, Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, во чијашто чест сме овде, освен што е бележник на ромската култура е и ден на граѓанската свест, во ова поздравно обраќање:
Повикувам на уште повисока граѓанска свест за потребите на граѓаните Роми во нашето општество!
На сите нас, од сите националности и вери, деца, стари, возрасни, ни требаат и образовни и културни права - но потребен е и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се граѓаните Роми.
И веќе ги направивме првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието, на што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во рамки на централната власт и во соработка со општините и со граѓанските организации.
Ќе посочам некои поважни активности:
Во рамки на проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи во текот на учебната 2017-2018 година, запишани се вкупно 514 деца Роми, во 19 општини во Република Македонија, или 82 % од предвиденото.
Во моментов функционираат 12 ромски информативни центри, во 12 општини. Се работи активно на терен, на информирање, советување, упатување на граѓаните за остварување на нивните права и обврски во социјалната заштита, здравството, домувањето, вадењето лични документи...
Од 1. април, Управата за водење матични книги отвори Оглас, со којшто се повикуваат сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, да поднесат барање за дополнителен упис, со оглед дека околу 600 Роми, според евиденциите, се соочуваат со овој проблем.
Владата, како што знаете, донесе Програма со којашто се ослободуваат од плаќање здравствена партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош. Ова не е мерка само за граѓаните Роми, но во голем дел ги таргетира токму ромските семејства.
Од овој месец започнуваме и со имплементација на нов Проект за социјално мапирање, финансиран од Европската Комисија, со цел да се мапираат ромските населби и да се добијат квалитативни и квантитативни податоци за Ромите во делот на образованието, вработувањето, домувањето, здравството, социјалната инклузија, поседувањето лични документи и слично.
Министерството за труд и социјална политика, заедно со Советот на Европа и Европската комисија и заедно со општините, почна проект со цел поддршка на локалниот развој, промовирање добро владеење и јакнење на вклученоста на Ромите на локално ниво.
· Важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите во Република Македонија. Овој позитивен модел во Република Македонија е пример во регионот.
За решавање на приоритетните прашања за граѓаните Роми, ги ставивме во функција ресурсите од централниот буџет и донаторските средства. Целиме да постигнеме социјална кохезија и еднаков развој во општеството.
Сакам да потенцирам дека силна е политичката волја на Владата на Република Македонија, за вистинска имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија. Со овие ангажмани се постигнува изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјава.
Определени сме да ги следиме и сите европски препораки, меѓу коишто е и Европската Платформа за вклучување на Ромите. Платформата има за цел насочување на институциите на ЕУ, на земјите членки, на земјите кандидатки, како нашата држава, и на потенцијалните земји кандидатки, да дизајнираат политики и активности во насока на инклузивна Европа.
Сакам да ве уверам дека фокусирано ги следам сите активности во решавањето на т.н. ”ромското прашање”, затоа што, Едно општество ќе изградиме само ако сме сите посветени и заедно.
Првиот Светски конгрес на Ромите, одржан на 8.април 1990 година е еден од најважните историски датуми за ромската задница, затоа што со него Ромите добија своја химна и азбука, но и со него, на Ромите, им е загарантирано правото да бидат еднакви во општествата и да ги уживаат сите права, без дискриминација.
За нас, за оваа Влада на Република Македонија, целите на тој Конгрес, како и на Европската Платформа за вклученост на Ромите не се само обврска. Овие цели за еднакви права и достоинствен живот за сите, се пред сѐ желба, да изградиме инклузивно општество во Македонија и инклузивна Европа, а се и искрена верба, дека тоа е патот до успешна, заедничка Република Македонија, дом за сите, интегрирана во Европската унија.
Нека е честит празникот, ви благодарам.