Средба на премиерот Заев со германскиот амбасадор Герберих: Поддршка од Република Германија за европските и атлантските интеграции на Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Томас Герберих, амбасадор на Република Германија во Република Македонија.
На средбата се поздравени реформските чекори на Република Македонија и добрососедските односи, што водат кон остварување на стратешките евро-атлантски цели на државава.
Германскиот амбасадор Герберих пренесе поддршка од Република Германија за евро-атлантските аспирации на Република Македонија, информирајќи дека Македонија ја има мнозинската поддршка и од германскиот Бундестаг за пристапување на земјава во Европската унија.
Амбасадорот Герберих соопшти дека пратениците од германскиот Бундестаг се вратиле во Германија со позитивни импресии од посетата на Македонија, за конструктивните политики низ коишто се решаваат прашањата важни за напредок на Република Македонија.
„Владата е цврсто определена кон политики што ќе овозможат квалитетен реформски процес за доброто на граѓаните и за отворање на перспективите кон ЕУ и НАТО. Очекуваме во следните три месеци поместувања на тој пат“, рече премиерот Заев.
На состанокот се разговараше и за важноста на Дигиталниот самит што ќе се одржи оваа недела во Скопје, како и за инвестициските можности што треба да придонесат кон економски развој на Република Македонија.