Работен состанок на министрите Фазлиу и Нанков во Софија
За нас е многу важно да отпочнеме прагматична соработка меѓу двете министерства којашто ќе ни помогне во спроведувањето на политиките, особено на оние кои што се од клучна важност во процесот на интегрирање во Европската Унија и во НАТО, рече министерот Фазлиу.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, на покана на неговиот бугарски колега, министерот за регионален развој и јавни работи Николај Нанков, на состанок во Софија, разговараше за соработката меѓу двете министерства и за можностите за нејзино проширување.
На работниот состанок двајцата министри истакнаа дека двете министерства веќе соработуваат во рамките на имплементацијата на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Министерот Фазлиу истакна дека програмата за прекугранична соработка со Бугарија е најуспешна затоа што во првата фаза во целост ги има реализирано одобрените средства од Европската Унија, а истото го очекува и во рамките на објавениот јавен повик за проекти, отворен до 11 мај.
Република Македонија длабоко ја цени поддршката на Република Бугарија во напорите на земјата за членство во Европската Унија и во НАТО, особено сега кога Бугарија ја има позицијата на претседавач со Советот на Европската Унија, рече министерот Фазлиу.
Двајцата министри разговараа за проширување на соработката преку потпишување на Меморандум за соработка во областите на локалната самоуправа, регионалниот развој и прекуграничната соработка.
- Потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија, само ги институционализираше веќе отворените патишта меѓу институциите и граѓаните од двете земји. Значи и дополнителен поттик, затоа што дава основ за воспоставување на сестрана соработка на патот до членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. За нас е многу важно да отпочнеме прагматична соработка меѓу двете министерства, која што ќе ни помогне во спроведувањето на политиките, особено на оние кои што се од клучна важност во процесот на интегрирање во Европската Унија и во НАТО, рече министерот Фазлиу.
Министерот за регионален развој и јавни работи на Бугарија, Николај Нанков истакна дека Меморандумот за соработка меѓу двете министерства е добра можност за продлабочување на соработката и поддршка во процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија и НАТО.
- Нашата позиција е максимално брзо членство на Република Македонија во Европската Унија. Имате брз напредок во исполнувањето на реформите. Ви стоиме на располагање, преку потпишување на Меморандум да ја продлабочиме соработката меѓу министерствата, рече министерот Николај Нанков. Нашиот институционален модел за спроведување на политиките во областите на локалната самоуправа, регионалниот развој и прекуграничната соработка е добар и ви стоиме на располагање да ви ги пренесеме нашите добри пракси, рече министерот Нанков, кој истакна дека имплементацијата на програмата за прекугранична соработка дава одлични резултати, а приоритет е и инфраструктурното поврзување меѓу двете земји, преку подобрување на патната мрежа.
Двајцата министри изразија подготвеност Меморандумот за соработка меѓу двете министерства да се потпише до крајот на јуни во Скопје.