Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од министерот за финансии д-р Драган Тевдовски и советниците на Премиерот за економија, денеска, се сретнаа со делегација на Светската банка, предводена од регионалната директорка на Светската банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, која беше придружувана од Марко Мантованели, директор на Светската банка за Македонија и нивните соработници.
Директорката Ван Гелдер го информираше премиерот Заев за позитивните прогнози за економскиот раст во Македонија, кои неодамна беа презентирани во Редовниот економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, како и за изготвената Систематска дијагностика за Македонија, каде се констатирани можностите за инклузивен и одржлив раст на земјата со идентификувани приоритети во политиките, како и бариерите кои треба да се надминат за инклузивен и одржлив раст на земјата.
Во главните пораки на студијата која е насловена „Македонија: Зграпчување на посветла иднина за сите“, а која е подготвувана од октомври 2017 година до март годинава, се констатира дека Република Македонија постигна стабилен раст и создаде работни места, намалувајќи ја сиромаштијата и нееднаквоста на приходите. Во Систематската дијагностика е наведена препорака за развивање на инклузивно општество преку: поттикнување на подинамичен и поконкурентен приватен сектор, зголемување на човечкиот капитал и искористување на сите можности за социјална инклузија, како и одржување на економскиот раст преку подобрено управување и фискална одржливост.
Претставниците на Светската банка во разговорот со премиерот Заев ја повторија определбата за континуирана поддршка за напредок и развој на Македонија и во таа насока беше констатирано дека со економскиот тим на владата ќе се продолжи соработката за утврдување и на поткрепа на приоритетите на Република Македонија, со цел подобрување на општата клима и животен стандард на граѓаните.
Премиерот Заев изрази благодарност за целокупната поддршка која Светската банка и ја дава на нашата земја, истакнувајќи ги приоритетите кон кои е насочена Владата, како што се инфраструктурата, железницата, обновливите извори на енергија и создавање стабилна бизнис клима за домашните и странските инвеститори.
Тој особено ја истакна заложбата на Владата за зголемување на процентот на Бруто домашниот производ (БДП), истакнувајќи дека тоа еден од двигателите за подобрување на животниот стандард на граѓаните, нагласувајќи дека Владата презема конкретни мерки за мотивирање во приватниот сектор, подобрување на конкурентноста во таа област со цел да бидат отворени нови, добро платени места, кои ќе ги задржат младите да работат во нивната татковина.
На средбата беше истакнато дека се важни континуираните заложби на фискална консолидација, воведување даночни реформи, подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, подобрување на управувањето со јавни финансии и јавните инвестиции.