Министерот без ресор, задолжен за комуникации отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска присуствуваше на јавна трибина по повод светскиот ден на слобода на медиумите, во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), делегацијата на Европската Унија и амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) и поддржана од кабинетот на министерот Роберт Поповски.
„За оваа Влада не постои никаква толеранција за никакви притисоци, закани, уцени врз новинарите и медиумските работници. Нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето. Многу јасно и отворено ги осудивме сите напади штоп се случија во изминатиот период“, рече министерот на трибината, и дополни „ исто така ме радува што во последниве 11 месеци, бројот на физички напади е нула а на вербални е многу мал“.
Поповски даде осврт и на обидите за цензура во медиумите, нагласувајќи дека цензурата е забранета со Устав и никогаш не смее да се случува во едно демократско општество.
„Истражувачкото новинарство ја има нашата целосна поддршка“ – рече министерот Роберт Поповски, истакнувајќи дека Владата уште во првите свои седници донела одлука за поддршка на регулаторните тела кои се од посебно значење на секоја демократија.
„Што помалку регулација е подобро – што повеќе саморегулација е уште подобро. Од тој аспект владата дава целосна поддршка, но не ни помислува да се меша во регулирање на оваа професија“, додаде министерот Поповски.
Тој, денес на светскиот ден на слобода на медиумите, ги поддржа заложбите и напорите на новинарите и медиумските работници во барањата за покачување на платите на новинарите и медиумските работници, како и регулирање на нивниот работен однос во медиумските куќи.
„Даваме целосна поддршка на сите можни преговори и разговори за подобрување на условите за работа и на платите на новинарите и на медиумските работници. Апелираме до сопствениците на медиуми да ги почитуваат работничките права и притоа да ја следат политиката на покачување на платите. Не можеме да говориме за независно и слободно новинарство, ако новинарите немаат регулирани работни услови, работни позиции и притоа се многу ниско платени“, потенцираше министерот Поповски.
Тој во дадената прилика ги повтори заложбите на Владата и во периодот кој следи посветено да се справува со пласирањето лажни вести, велејќи дека „наша цел е Велес и Македонија да ги направиме пример за справување со оваа појава“, за која, како што изјави министерот, се изнаоѓаат квалитетни решенија во соработка со пријателите од ЕУ и САД, каде што појавата на лажни вести, исто така претставува проблем.
„На лагата и ја спротивставуваме вистината. Информациите кои што ги пласираме на јавен, отворен и транспарентен начин се навремени, точни и вистинити, доаѓаат до сите, граѓани и тоа ќе го правиме и понатаму со што е можно поголем квалитет“, изјави министерот Роберт Поповски.