Во пресрет на одржувањето на годинешниот скопски Визер маратон, денес Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, советниците за спорт и млади, Ѓорѓи Тасев и Даниел Димевски, се сретна со светската рекордерка во маратон, и промоторка на маратонот, Пола Редклиф, и претставници од организацијата на маратонот.
Гостите го запознаа премиерот со почетоците и развојот на овој скопски маратон низ годините, како и со светските резултати и постигнувања на г-ѓа Редклиф во маратонските трки.
Тие исто така изразија огромна благодарност за поддршката која ја добиваат од Агенцијата за млади и спорт во целокупната организација на оваа спортска манифестација.
Премиерот Заев, во оваа прилика истакна дека мисија на оваа Влада е да го промовира спортот во Република Македонија, со посебно внимание на младите спортски таленти, затоа што, како што рече тој „спортот е најдобриот амбасадор посебно за малите држави. Клучно е да ги мотивираме граѓаните, а посебно младите да спортуваат.”
Исто така, премиерот Заев ги запозна гостите со плановите за развој на спортовите во Македонија преку законски измени кои, меѓу другите мерки, опфаќаат и механизми за даночни олеснувања за компаниите кои ќе се вложат во развојот на спортот во Република Македонија.