Вчера започна исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати субвенции за 20.880 тутунари во вкупна вредност од 22 милиони евра, односно околу 80% вкупниот очекуван износ за авторизација. Во следните неколку денови, веднаш по извршените контроли, ќе се исплатат и останатите 20%.
Ова го соопшти министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски при вчерашната посета на селото Ивањевци во општина Могила заедно со директорите на Платежната агенција и на ДИЗ, Николче Бабовски и Јане Станкоски.
„Продолжуваме со политиката на навремени субвенции и враќање на парите назад кај граѓаните тогаш кога им се потребни за да инвестираат во новата реколта. Оваа година тутунарите добија зголемени субвнции во три нивоа. На овој начин ги мотивираме тутунарите да произведуваат квалитетен тутун“, изјави министерот Николовски.
Директорот Бабовски изјави дека овие пари тутунарите ќе можат да ги реинвестираат и дека исплатата на субвенциите и за остaнатите култури ќе заврши до законскиот рок 30-ти јуни.
Од реколтата 2017 Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство воведе нов начин на зголемено субвенционирање во три нивоа. Согласно овие промени, зголемени субвенции за тутунот добиваат над 23.400 тутунари. Оваа година се постигна и убедливо највисока просечна цена за тутунот од 217,6 денари за килограм.
Целта на новиот модел на зголемено субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција. Имено, субвенцијата за прва класа тутун сега изнесува 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи.
Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно. Во насока на создавање поволни услови и поттикнување развој на оваа култура, МЗШВ го најавува и новиот закон за тутун, кој е во финална фаза. Со него се предвидува укинување на поднесувањето евидентни листови, со што значително се олеснуваат адмнистративните процедури.