Основана Холандско-македонска стопанска комора
Педесетина македонски и триесетина холандски фирми од денеска организирани во заeдничка комора ќе работат на воспоставување нови и зајакнување на постоечките бизнис врски, како и на зголемување на инвестициите. Новоформираната Холандско-македонска стопанска комора најавува промоција на македонската економија во Холандија и на инструментите на холандската Влада за развој на приватниот сектор во Македонија, во соработка со амбасадите.
- Ќе работиме заедно за подобар пристап на холандскиот пазар, да ја промовираме македонската економија во Холандија и да обезбедиме уште повеќе инвестиции, изјави Боб Смит, извршен директор на Комората.
Холандскиот начин на водење бизнис, оцени, е различен од македонскиот. Како холанѓани се жалиме на печати, потписи, но тоа можеби ќе се реши во иднина. Од друга страна ако се навикнеш на тие административни процедури работењето во Македонија е прекрасно. Голем дел од Холанѓаните кои доаѓаат во Македонија ќе останат да прават бизнис, додаде Смит.
Според амбасадорката на Холандија во Македонија Мариет Шурман, и покрај тешките економски услови поради кризата се уште постои голем интерес за заеднички проекти и бизниси меѓу македонските и холандските компании, како и за инвестирање во Македонија. Бројот на компаниите заинтерсирани за соработка преку заедничка комора, смета Шурман, се доволен доказ за цврстите врски помеѓу економиите на двете држави. - Убедени сме дека комората ќе им помогне на македонските и на холандските компании да ги истражуваат огромните потенцијали за соработка меѓу двете земји за да ги продлабочиме цврстите врски во трговијата, инвестициите и економијата, посочи амбасадорката Шурман.
Холандија во 2010 година учествувала со 16,5 проценти од вкупните инвестиции во Македонија, а во првите три квартали од минатата година се зголемени на 40 проценти и изнесуваат околу 110 милиони евра.
- Имаме драстично зголемување на инвестициите. Се надевам дека овој тренд на инвестиции ќе продолжи понатаму имајќи ги предвид нашите добри политики и економски односи. Убеден сум дека доста компании од Македонија извезуваат во Холандија и затоа ги мотивирам и во услови на криза да го сметаат и како предизвик, да бидат поиновативни и да го освојат холандскиот пазар, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.
Тој им порача на компаниите од Холандија да ја гледаат Македонија како пријателска земја и да ги насочат инвестициите во нашата земја имајќи ги предвид сите бенифиции кои ги нуди македонската Влада на странските инвеститори.
Сарачини очекува продолжување на, според него, прекрасната соработка меѓу двете земји во туризмот за што е доказ бројката од 10.000 холандски туристи во минатата година. - Годинава планираме оваа бројка да се зголеми до 14.000. Инвестиции ќе има и во делот на енергетиката, малите хидроцентрали, обновливите извори на енергија, туризмот, истакна Сарачини.
Дел од активностите на новата комора ќе бидат и организирање бизнис патувања и конференции за компанија од Македонија и Холандија, како и обезбедување информации за инвестициските можности.