Податокот кој го објави Државна статистика за растот на платите е показател дека економските политики и мерки кои ги спроведува Владата даваат резултати, рече министерот за финансии Драган Тевдовски денеска во изјава за медиумите. Тој се осврна на објавата на Статистика за раст на мартовската плата за 5,6% на годишно ниво.
Ако се погледнат првите три месеци годинава во однос на првите три месеци минатата година, растот е околу 5 отсто. Тоа е пред се поради една од првите мерки која ја донесовме, односно зголемувањето на минималната плата, која придонесе околу 90.000 работници во Македонија да имаат поголеми плати. За нас е важно што растот кај платите е предизвикан пред се од растот кај оние работници кои имаат најниски плати. Станува збор за работниците од текстилната, кожарската и индустријата за производство на облека. Тие претходно имаа неправедно пониско ниво на минимална плата. Ако го погледнете последниот извештај за платите во овие три индустрии за текстил, облека и кожа, растот на платите во март годинава во споредба со март претходната година се движи помеѓу 15 и 21 проценти - вели Тевдовски.
Владата неодамна донесе мерка и за финансиска поддршка на покачувањето на платите во трудоинтензивните дејности. Исто така, преку мерките за поддршка на малите и средни претпријатија, како и активните мерки за вработување се очекуваат ефекти врз просечната плата во земјава.