Министерот за економија Крешник Бектеши и регионалниот менаџер за Централна и Југоисточна Европа на МФК, членка на Групацијата Светска банка, Томас Лубек, потпишаа Меморандум за соработка со кој стартува спроведувањето на Проектот за решавање на долговите и излегување на деловните субјекти во Македонија. Се очекува овој проект да придонесе за подобрување деловната клима во земјата преку зајакнување на нејзиниот систем за несолвентност.
Проектот за решавање на долгови, кој ќе биде спроведен во наредните четири години, има за цел надминување на сегашните пропусти во рамката за инсолвентност на деловните субјекти, со што ќе се помогне во зачувувањето на постоечките работни места и создавање на нови.
Од неговата реализација се очекува намалување на ризиците за кредитирање, што ќе помогне во зачувувањето на постоечките работни места и создавање на нови. Ќе се спроведува во партнерство со владата на Швајцарија, претставена од страна на државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕКО), а ќе ги опфати правните и регулаторните реформи, а ќе обезбеди и услуги за градење на капацитети и кампања за подигање на јавната свест.
Упатувајќи благодарност до МФК и Владата на Швајцарија, министерот Бектеши истакна: „Изминаа 12 години од донесувањето на актуелниот Закон за стечај, што е долг период во кој се менувале околностите, условите и сознанијата преку практиките од спроведување на Законот за стечај. Неспорна е потребата од креирање на ново, функционално законско решение со кое ќе се овозможи заштита на инвеститорите и нивните бизниси, ќе се врати довербата на бизнис заедницата во законот како механизам на заштита на претпријатијата со привремени финансиски проблеми. Нашата цел е да се создаде решение со кое ќе се поттикнат претпријатијата со потешкотии да се обидат да преговараат за привремено ослободување на долговите и да ги договорат условите за подмирување на долгот надвор од судот, преку соодветен механизам за инсолвентност“.
Бектеши појасни дека посебно внимание се очекува да се посвети на сеопфатен пристап при креирање на одредби за навремено реструктуирање на претпријатијата со потешкотии, имајќи предвид дека најдобрата шанса за опстанок на бизнисот е кога должникот преговара за опциите за намирување на долгот со своите доверители. Ова е со цел да им се даде поголем кредибилитет на таквите преговори.
Илустрирајќи го го функционирањето на банкарскиот сектор од една страна и судиите кои работат на стечајните постапки, регионалниот раководител на МФК за Централна и Југоисточна Европа рече: „Ефикасниот систем за разрешување на долговите обезбедува мирен сон за деловните субјекти и спречува настанување на нефункционални кредити. Резултатот е зголемен поврат за доверителите и подобра заштита за економски одржливите компании.“
На настанот свое видување за важноста и целите на проектот во насока на заштита на бизнисот и деловниот сектор даде и заменик шефот на мисијата од Амбасадата на Швајцарија, Стефан Томаѓиан.
На церемонијата на потпишување на Маморандумот ѕа соработка претходеше тричасовна дискусија на тема„ „Измени на Законот за стечај“, на која експертската јавност се согласи веќе формираната работна група да подготви нацрт текст на нов Закон за стечај, кој потоа ќе биде ставен на неколку јавни расправи додека не се добие институцинална рамка за солиден систем на инсолвентност во Република Македонија.