Вицепремиерот Анѓушев: Земјите од Југоисточна Европа ќе станат еден пазар за електрична енергија, што ќе донесе конкурентни цени за граѓаните

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се обрати на отворањето на работилницата за „Техничка поддршка за институционалната поставеност на организираниот ден-однапред пазар на електрична енергија“, во организација на Македонскиот електро преносен систем оператор.

Вицепремиерот истакна дека со новиот Закон за енергетика се овозможува зголемена конкурентност на пазарот на енергенси во сите сегменти, а дека механизмот на пазар за ден однапред, кој беше темата на работилницата, е еден дополнителен чекор кон зголемување на конкурентноста. Тој појасни дека воведување на ваков механизам не треба да се поистоветува со формирање на берза за електрична енергија, која е покомплексен процес.

„Со воведување на механизмот ќе се даде можност на сите оние кои имаат потреба да продадат или да купат електрична енергија од денес за утре. Овој механизам не е формирање на берза на електрична енергија, за берза е потребна поширока организација и структура. Формирањето на берза го започнавме со спојувањето на пазарите на електична енергија на Република Македонија и Република Бугарија и сметам дека во иднина сите земји од Југоисточна Европа ќе бидат еден пазар, со што бенефит ќе имаат сите граѓаните во регионот. Вакви системи веќе функционираат во цела Европа со успех“, потенцираше Анѓушев.

Анѓушев дополни дека со воведување на механизмот ќе се добие транспарентна цена на електрична енергија на ден однапред пазарот, којшто од друга страна е тесно поврзан со воведување на „премиум“ тарифите и зголемувањето на производството на електрична енергија, како и овозможување на сигурен откуп на произведената електрична енергија од обновливи извори.

Директорот на МЕПСО, Сашо Василевски истакна дека организираниот и технички поддржан пазар е особено важен за финансиска сигурност на производителите, трговците, снабдувачите и крајните потрошувачи на електрична енергија.

„Транспарентноста околу цените, конкурентноста на понудувачите и уште сет други карактеристики што го формираат финалниот производ, се неопходната иницијација, која води кон нови вложувања во енергетиката во регионот“, истакна Василевски.

На работилницата, од страна на претставници на Словенечкиот оператор со енергија Борзен, беше извршена презентација на „Извештај за техничка поддршка на Република Македонија за институционалната поставеност на организираниот ден-однапред пазар на електрична енергија“, пред претставници на електро-енергетски компании кои работат во Република Македонија.