Премиерот Заев на завршната конференција на Мрежа 23: Храбро и отворено продолжуваме со реформите во правосудството и во борбата против корупцијата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес присуствуваше на завршната конференција на Мрежа 23, насловена, „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење“, во организација на Институтот за европски политики и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Учество на оваа завршна конференција зедоа и вицепремиерот Бујар Османи и министерката за правда, Рената Дескоска.

Во своето обраќање пред присутните гости на конференцијата, премиерот Заев рече дека реформите во правосудството и борбата против корупцијата во земјите кои влегуваат во преговарачкиот процес со ЕУ, се високо на агендата на Европската Комисија.

 

 

„Нам, како земја која влезе во овие реформи, и како земја која доби чиста препорака и очекува датум за старт на преговорите, ни е сосема јасно дека ниту Европската Комисија ниту земјите-членки на ЕУ нема да прифатат половично реализирани реформи.

Крајно, и најбитно, ни нам не ни се потребни половично реализирани реформи. Напротив, зборуваме за коренити промени“, изјави премиерот.

Тој, уште и нагласи дека токму корупцијата и бруталното кршење на човековите права преку злоупотреба на државниот апарат, беше она што нè извади, и против кое заедно излеговме на улиците, и дека сега е време, како што рече во своето обраќање, истата желба, истата енергија да ја демонстрираме во институциите.

„Владата на Република Македонија, судиите и судската администрација, борците против корупцијата во независните контролни агенции и невладини организации, борците и активистите за човекови права, граѓаните на нашата земја – сите ние, треба докрај да ја отвориме кутијата на правосудството, без разлика дали е Пандорина, и храбро и отворено да продолжиме со реформите. Само така можеме да градиме држава по европски правила, без разлика колкав е отпорот кон новите демократски промени“, дополни премиерот Заев.    

Тој исто така нагласи дека ефективното, квалитетно и правично владеење на правото, е средишен постулат на начелото на хуманиот и одржлив развој на македонското мултикултурно општество.

„Република Македонија мора да биде средина со нула толеранција за корупција. Законскиот пакет од оваа област мора да биде сеопфатен и ефикасен: За да се алармираат коруптивните активности, конфликтите на интереси, злоупотребата во финансирањето на политички партии и изборните кампањи. Мора да обезбедиме поголеми ингеренции за максимална ефикасност на Државната комисија за спречување на корупцијата“, подвлече тој.

Премиерот Заев, во оваа прилика, ги повика граѓанските организации, членки на Мрежа 23, но и останатите чинители во граѓанскиот сектор, на проактивност во борбата против корупцијата и борбата за правично и стабилно правосудство, која борба, како што рече премиерот, мора да се случува и од внатре и надвор од институциите.

„Вклучете се! Влезете храбро во оваа борба заедно со нас! Владата ви е партнер, која ги отвори вратите широко, а на вас е да ја употребите секоја експертиза и знаење. Заедно да изградиме систем, во кој ќе има нула толеранција на корупцијата и нула толеранција за кршење на човековите права“, истакна премиерот во повикот до граѓанскиот сектор.

Министерката за правда, пак, Рената Дескоска, рече дека борбата против корупцијата е прашање на кое секоја земја ја покажува способноста за ефикасно спроведување на донесените закони, како при превенцијата, така и при казнувањето на корупцијата.

 

 

„Секој чекор во имплементацијата на Поглавјето 23 во Република Македонија е чекор напред во јакнење на правната сигурност и довербата на граѓаните во судскиот систем и во правната држава“, истакна во своето обраќање министерката за правда, Дескоска.

На конференцијата свое обраќање имаше и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Во своето обраќање Османи посочи на успешната реализација на Планот 3-6-9, која резултираше со еден од најдобрите извештаи на Европската Комисија досега. Тој посочи дека самиот Извештај ја покажува и подготвеноста на земјата за почеток на преговори, имајќи предвид дека во клучните области, како што се политичките и економските критериуми, но и според усогласеноста со т.н. „Аки“ (aqcuis), т.е. степенот на усогласеност со европското законодавство, Македонија ги предводи земјите од регионот, дури и оние кои веќе подолго време преговараат.

 

 

„Со имплементацијата на Планот 3-6-9 не завршија реформските процеси, туку напротив, се создадоа услови за уште подлабока имплементација на долгорочните и суштински реформи во општеството. Реформи кои се дел и од новиот реформски План 18 на Владата, и кои се секако најмногу насочени кон приоритетните области - правосудство, владеење на правото, реформа на јавната администрација“, истакна Османи, најавувајќи го притоа Планот 18 како реформски пакет кој треба да го премости периодот од препораката на Европската Комисија до фактичкиот почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

 


 

Одговори на новинарски прашања на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на конференцијата на Мрежа 23

 

 

НП:

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас даде изјава во која што вели дека е дојдено време да се  каже едно големо ДА или едно големо НЕ. Меѓу другото во изјавата спомна дека три имиња. Република Нова Македонија, Северна и Горна Македонија. Вистина ли е ова, точни ли се информациите и до каде е телефонскиот разговор кој се очекува меѓу вас и Ципрас?

 

ПВРМ:

Јас верувам дека сме на самиот крај, и ќе останам внимателен, за да крајот биде успешен, среќен крај.

Не би коментирал детали затоа што се уште се создаваат околности за да се случи телефонскиот разговор. Јас верувам дека денови се во прашање за да се случи телефонскиот разговор. И веднаш штом се случи, како и за содржината на разговорот ќе ги информирам граѓаните на нашата земја.

 

НП:

Кои се предлозите за креативни решенија како што веќе слушнавме од некои извори, Артан Груби вчера спомена „Европска Македонија, Современа Македонија...“ ?

 

ПВРМ:

Не би коментирал детали, затоа што, еве, поставувајќи го вашето прашање, размислувам дали ќе е сензитивно или нема да е сензитивно. Денови се во прашање, ќе останам внимателен, сигурно и вие и вашите гледачи ќе ме разберете во тоа, затоа што овие денови сакам да бидат денови на успешно привршување и завршување на процесите.

 

НП:

Но ништо не демантирате премиере, тоа што прашуваат новинарите. Не велите не, значи има нешто вистина во тоа.

 

ПВРМ:

Сите детали кога ќе бидат договорени, се надевам договорени успешно, веднаш ќе бидат споделени со граѓаните. Навистина не сакам ниту да потврдувам ниту да демантирам делови, затоа што на некој начин ќе можам да наштетам на процесот. Не би сакал. Чувствително е кај нас, чувствително е  во Грција, се носат сериозни одлуки во овој правец. Да не заборавиме дека на крајот, граѓаните одлучуваат на референдум, но важно е како сето тоа ќе биде договорено, доколку, секако, биде договорено, како тоа ќе биде доволно мотивирачки за граѓаните... Такви работи се многу важни. Ако преурането излеземе со некои детали, можеме да направиме сериозна штета на  преговарачкиот процес.

 

НП:

Како одговарате на критиките на професорот Калајџиев?

 

ПВРМ:

Во секое демократско, транспарентно и отворено општество, критиката е неопходна и насушна потреба. Само на тој начин можат институциите да се подобрат. Тоа е секако извршната власт, но и правосудството, и сите други независни институции кои што постојат во државата. Посебно ако ги зајакнеме оние контролни механизми, за кои што сите се надеваме дека ќе бидат експертски и професионално поставени, за да има 16 отворени очи при имплементацијата на сето она што го договараме со граѓанските организации, со фелите, со опозицијата, со институциите...

Многу е важна имплементацијата во Македонија. Од минатото научивме многу работи, но една е сигурно, а тоа е дека кога постојат одлични закони, ние знаеме да фалираме, односно да не ја спроведеме успешно нивната имплементација. Имплементацијата е многу важна. И само преку критика, и директно кажување во очи, можеме да успееме во овој многу значаен процес за граѓаните и за нашата земја.

 

НП:

Вклучена ли е научната фела како што побара професорот Калајџиев, во изготовката на законите, и дали стратегијата за реформи во правосудството била преуранета?   

 

ПВРМ:

Мислам дека беше навремена, затоа што таа стратегија прво е и динамична. По неа работи Советот за имплементација на стратегијата, и буквално дава широчина. Многу е важно што општеството знае што сака да постигне, а тоа е независно и транспарентно правосудство, ако зборуваме за правосудството.

Отчетни, ефикасни, ефективни јавни службеници. Безбедност која што ќе гарантира сигурност и стабилност за граѓаните и за сеопштата безбедност.

Е сега чекорите како ќе бидат дефинирани, зависи од тоа колку максимално ќе ги искористиме нашите капацитети. Дел од тие капацитети се и универзитетската фела. Таа е вклучена, но веројатно може и повеќе. Вратите се отворени и треба да присуствуваат, поради тоа што не само што ги повикуваме, тоа е и обврска на професорите, како што е обврска на извршната власт, на парламентот на граѓанските организации, на медиумите, на сите.

Затоа што само тогаш можеме да сме сигурни дека Македонија ги искористила сите свои капацитети.

Јас верувам дека се повеќе и повеќе ќе бидат присутни и претставниците на Универзитетите. Како што рече професорот Калајџиев, јас знам дека имаме 24 правни факултети во државата, и веројатно само по 1 претставник да имаше денес од правните факултети ќе беа 24.  

Можат повеќе. Секако ќе има разни форуми и форми на нивно вклучување. Апелирам секој да се вклучи, понесен од порив да и помогне на татковината.

 

НП:

Поминаа три месеци. Кога ќе имаме заеднички договор за законот за јазиците, за истиот да биде објавен во службен весник?

 

ПВРМ:

Јас на неколку средби со Претседателот Иванов се обидов да мотивирам да се стави тој потпис, поради тоа што се крши Уставот, парламентот е блокиран во извршувањето на својата функција преку овој закон. Тоа испраќа порака дека Претседателот може да си одлучи кога сака и кој закон сака да го стави во таканареченото џебно вето.

Тоа не е функционална демократија. Одговорноста е преголема. Овде се крши уставот. Само ја користам приликата да апелирам да се стави потписот и да се повикаат институциите, Уставниот суд, да се обратиме до Венецијанската комисија.. тие се тие надлежни кои што треба да кажат.

А ние сме институциите кои ги создаваат соодветните чекори на носењето на легислативата, во овој случај Претседателот потпишува закон, Парламентот гласа, Владата е предлагач, но Уставниот суд е тој кој што кажува дали нешто е уставно или не.    

И да има нешто неуставно, и да има нешто проблематично, секојпат може да се промени. Но законот мора да дише. Ако законот дише, верувам дека како растеретени од одредени растеретени права до сега ќе можеме многу посилно да влеземе во вака најавениот процес на отворање на поглавја, почеток на преговори за Македонија, тогаш ќе можеме да бидеме со 100% фокус на она што е важно за сите граѓани.