Премиерот Заев на отпочнување на изградба на новата општинска зграда во Арачиново: 250 милиони евра за развој на општините во 2018-та

„Во текот на 2018-та, Владата ќе вложи околу 250 милиони евра во развој на општините, нивната економија и локалната инфраструктура. Тоа се големи, значајни средства, со што ќе обезбедиме дополнителен импулс за раст на нашата економија, БДП и за повеќе пари кај граѓаните“, истакна Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на одбележувањето на почетокот на изградбата на новата општинска зграда во Арачиново, финансирана со 260.000 евра обезбедени од Европската унија и од Буџетот на Република Македонија, преку Програма што ја администрира Светска банка а ја спроведува Министерството за финансии.

На настанот, на кој присуствуваа и говореа и Н.Е. Самуел Жбогар, Амбасадор на Делегацијата на Европска Унија,  министерот за финансии, Драган Тевдовски, претставникот од Светска банка, Беким Имери и градоначалничката на општина Арачиново, Миликије Халими, премиерот Заев посочи дека иако на само неколку километри од центарот на главниот град, нашите сограѓани во Арачиново долго време биле оставени на маргините на општеството.

„Илустрација за тоа не е само бараката стара речиси 7 децении што се користи како општинска зграда, отсуството на канализација за што јавноста е добро запознаена и за што говоревме интензивно во претходните години, како и на други елементарни услови за нормален живот на граѓаните. Затоа, уште тогаш јасно и недвосмислено кажавме дека наш приоритет е подобар живот за сите граѓани“, нагласи претседателот на Владата пред присутните.

Според него, почетокот на изградбата на оваа зграда е само една од многуте капитални инвестиции кои стартуваат во оваа година.

„Во текот на 2018-та, Владата ќе вложи околу 250 милиони евра во развој на општините, нивната економија и локалната инфраструктура. Тоа се големи, значајни средства, со што ќе обезбедиме дополнителен импулс за раст на нашата економија, БДП и за повеќе пари кај граѓаните. Со активирање на овие проекти, дел од кои се закочени со години, ќе придонесеме за сериозно унапредување на квалитетот на животот во руралните и помалите општини, кои ја заслужуваат поддршката од Владата“, истакна премиерот Заев, која додаде дека во Арачиново досега е направена реконструкција на училиштата, реконструирани се муслиманските и христијанските гробишта, а се работи и на проектната документација за канализацијата и на трајно решавање на проблемот со вода за пиење. Освен тоа, премиерот истакна дека во моментов се работи на урбанистички план за една нова, голема странска инвестиција во Арачиново.

Инаку, на барање на Владата, Европската Унија се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,667 милиони евра.

Програмата ја спроведува Министерството за финансии, а ја администрира Светската банка. Средствата им се доделуваат на општините за подобрување на инфраструктурата во руралните области.  Во рамки на програмата, Општина Арачиново доби право да користи ЕУ грант од 195.000 евра за проектот за „Изградба на општинска зграда Арачиново“, кој е кофинансиран од Буџетот на Р.М со 65.000 евра. Првичната вредност на проектот од 285.545 евра по спроведената јавна набавка е намалена на 241.975 евра, од кои 181.482 евра се финансирани од фондови на Европската Унија, а 60.493 евра од Буџетот на Р.М.

 


 

Премиерот Заев: 250 милиони евра за развој на општините во 2018-та

 

Почитуван амбасадоре на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар,
Почитуван министер за финансии Драган Тевдовски,
Почитуван господине Беким Имери од Светска банка,
Почитувана госпоѓа Миликије Халими, Градоначалник на Општина Арачиново,

Почитувани граѓани, (Të nderuar qytetarë)
 

Особено ми е драго што сме тука, заедно со нашите пријатели и партнери од ЕУ и Светската банка, за да означиме почеток на една инвестиција што ќе значи големо подобрување на услугите за граѓаните во една од најголемите приградски општини во земјата.

Иако на само неколку километри од центарот на главниот град, нашите сограѓани во Арачиново долго време беа оставени на маргините на општеството.

Илустрација за тоа не е само бараката стара речиси 7 децении што се користи како општинска зграда, отсуството на канализација за што јавноста е добро запознаена и за што говоревме интензивно во претходните години, како и на други елементарни услови за нормален живот на граѓаните.

Затоа, уште тогаш јасно и недвосмислено кажавме дека наш приоритет е подобар живот за сите граѓани. 

Почетокот на изградбата на оваа зграда е само една од многуте капитални инвестиции кои ги стартуваме во оваа година.

Во текот на 2018-та, Владата ќе вложи околу 250 милиони евра во развој на општините, нивната економија и локалната инфраструктура. Тоа се големи, значајни средства, со што ќе обезбедиме дополнителен импулс за раст на нашата економија, БДП и за повеќе пари кај граѓаните.

Со активирање на овие проекти, дел од кои се закочени со години, ќе придонесеме за сериозно унапредување на квалитетот на животот во руралните и помалите општини, кои ја заслужуваат поддршката од Владата.

Со над 110 милиони евра кои ги обезбедивме од кредити и заштеди ќе ги деблокираме општините од долгови, што ќе им овозможи да влезат во нови инвестиции и да придонесат за заживување на локалната економија.

Освен тоа, со над 125 милиони евра кои се обезбедени од различни буџетски ставки, влегуваме во сериозен инвестициски циклус за развој на локалната инфраструктура, изградба на водоводи, канализации, градинки, училишта, локални и регионални патишта.

Нашите граѓани, особено во помалите и рурални средини се чесни, вредни луѓе кои заслужуваат поголема поддршка од Владата и нашите институции.

Ве уверувам дека и во иднина таа поддршка нема да отсуствува туку постојано ќе се зголемува и унапредува.

Сакаме да има достоинствен живот и развој за сите граѓани на нашата земја. Сакаме да ја гледаме Македонија како едно општество, еднакво за сите граѓани без оглед на нивната припадност или место на живеење, како  големо семејство, каде што сите се грижат едни за други и заедно чекорат кон поубава, попросперитетна заедничка иднина.

Почитувани граѓани,

Досега направивме реконструкција на училиштата, ги реконструиравме овде и муслиманските и христијанските гробишта, работиме на проектната документација за канализацијата и за трајно решавање на проблемот со вода за пиење. Во моментов се работи на урбанистички план за една нова, голема странска инвестиција овде во Арачиново.

Дадовме збор - Арачиново ќе биде конечно убава и инфраструктурно средена општина за живеење за сите.

Нека е со среќа почетокот на изградбата на новата општинска зграда и многу генерации да се радуваат на неа!

Благодарам.