Со изградбата на колекторите на левиот и десниот брег на реката Вардар, Градот Скопје успешно ќе ги собира урбаните отпадни води со што санитарно-хигиенските услови во централното градско подрачје ќе бидат значително подобрени. Изградбата на овој колекторски систем е предуслов за изградба на главната пречистителна станица за отпадни води за градот Скопје, чија градба ќе започне во 2020 година – изјави министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки на настанот по повод офцијалното одбележување на почетокот на градежните работи на ИПА 2 проектот „Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во градот Скопје“.
Проектниот договор предвидува изградба на колектор на десниот брег на реката Вардар во должина од 3,4 км и тоа од булевар „Србија“ до Железничкиот мост при што во него ќе се слеваат отпадните води од постојната пумпна станица „Горно Лисиче“, потоа изградба на колектор на левиот брег на реката Вардар во должина од 4,5 км од точката на моменталното празнење на постојната канализациска мрежа до железничката пруга и изградба на колектор од пумпната станица „Макошпед“ до поврзувањето со новиот главен колектор на левиот брег на реката Вардар.
Успешното имплементирање на овој инфраструктурен ИПА 2 проект ќе безбеди зголемување на обемот на собраните отпадни води кои ќе бидат префрлени на идната планирана пречистителна станица за отпадни води и следствено, ќе ја зголемат ефикасноста на функционирањето на истата.
Инвестицијата е финансирана со средства на Европската Унија во износ од над 9 милиони евра и ко-финансирана од Буџетот на Р. Македонија во висина од 15%, а предвидено е да заврши во февруари 2020 година.
На настанот присуствуваа и евроамбасадорот Жбогар и градоначалникот на Скопје Шилегов.