Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ја предводи делегацијата на Владата на Република Македонија, на свечената цермонија на потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, што утре, на 17 јуни, ќе се одржи на македонската и на грчката страна на Преспанско Езеро.
Премиерот Заев и македонската делегација, во чиј состав се замениците претседатели на Владата на РМ, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, утре ќе пристигнат во Псарадес, на грчката страна, каде што ќе бидат пречекани од Претседателот на Владата на Република Грција, Алексис Ципрас и од грчката владина делегација, и каде што министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе го потпишат договорот, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц.
На делот од заедничкиот настан на свечената церемонија во Република Грција, свои обраќања ќе имаат премиерите Заев и Ципрас.
Според агендата на настанот, официјалната средба на двете делегации потоа ќе продолжи на македонската страна на Преспа, во Отешево, каде што двете делегации ќе имаат билатерален разговор и свечен ручек.
За време на целата церемонија, и во Република Грција и во Република Македонија, ќе присутсвуваат Потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, Розмари Ди Карло, Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, и Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.