Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, за време на својата работна посета на отворањето на работите на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, одговараше на прашања на новинарите што ви ги пренесуваме во целост:
Медуми: Премиере, во очекување сме на следната недела и реакцијата од ЕУ. Kои се вашите очекувања? Ќе добие и Македонија датум за почеток на преговори, со оглед на воздржаноста од страна на Франција?
Премиерот Заев: Јас мислам дека ниту една земја во ЕУ, сите наши пријатели, а сите земји ни се пријатели, нема да останат рамнодушни, на пријателството, на европскиот манир, на европското однесување кое што Македонија го демонстрира, толку потребно за целиот Балкан, за Југо-источна Европа, а и за цела Европа.
Европа е заснована на вредности, Европа е основана на можностите за решенија, верувам дека нашата Република Македонија, иако мала земја, за Европскиот континент, е одредена позитивна лекција на однесување преку градењето на пријателството, преку изнаоѓање на модели дури и за решавање на идентитетски прашања. Верувам дека целото тоа ги разоружува сите оние кои сеуште имаат резерва за проширување на ЕУ.
Јас знам дека вчера холандскиот Парламент, донесе многу позитивна одлука за нашата земја. Се надевам дека тоа ќе се случува во иднина и за Албанија затоа што и тие работеа доста како земја.
Но, пред сè она што се однесува за нашата земја, ние мора да зборуваме за нашата земја, се надевам дека и Франција и други земји, ако имаат резерва, се надевам дека ќе го направат прекршувањето поради тоа што, точно е, реформи се прават во Македонија, реформи се прават и во Европа. Реформите во ЕУ можат да се прават паралелно, додека Македонија, преговара за членство. Поглавјата и преговорите ќе одат со години, паралелно, може да се унапредува Европа, Македонија може да помогне толку колку што е тоа возможно, а паралелно да ги тера преговарачките процеси. Јас верувам дека ќе омекне срцето на Претседателот Макрон, ги разбирам отворените внатрешни дебати во Франција, таа е голем пријател. Ако Германија, Франција, Италија, Британија, Австрија и другите земји, одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред, и мотивацијата на нашите граѓани ќе биде уште поголема.
Секако во духот на тоа разбирање јас се надевам на позитивна одлука, која што во најмала рака секако ќе ја дефинира потврдата на препораката за почнување на преговори, почеток на скенирањето на целиот овој процес, ќе дефинира подготвеност за одржување на Меѓувладините седници од кои што секако произлегува и датумот за преговори.
Јас сум оптимист, знам дека Европа нема да пропушти да ја охрабри и поддржи Македонија, и сите нејзини граѓани, за тоа што го прават сите овие години.
Медиуми: Премиере, дали е владата поблиску до одлука за природата на референдумот. Дали ќе биде обврзувачки, или ќе биде консултативен? И дали ќе се одржи на 9-ти или 16-ти септември, како што веќе објавуваат медиуми, и што со фактот што ВМРО-ДПМНЕ извести дека тие се за задолжителен референдум, а еден од вашите коалициони партнери, г-дин Тачи, изјави дека ќе биде консултативен?
Премиерот Заев: Сите имаат право на дебата. Државата наша треба заеднички да донесе одлука за оваа работа. Власт и опозицијата, и коалиционите партнери, треба да се усогласиме, тоа е процес.
Јас верувам и во процесот на утврдување на референдумското прашање. Ќе ги дефинираме и моделите на самиот референдум.
Она што се согласувам со опозицијата е дека треба да биде задолжителен, а заедно ќе утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки, од проста причина што сите овие пораки кои што се испраќаат, некако , кој како сака нека ме разбере, оставаат впечаток дека некој сака да ја блокира Македонија кон НАТО и кон ЕУ.
Значи зборуваме за задолжителен референдум. Ако граѓаните што ќе излезат, ако се 50% + 1 граѓанин, и се изјаснат „за“ референдумот, апсолутно должност е на секој граѓанин да ја испочитува одлуката, да се поклони и да ја поддржи низ институциите на системот.
Секако, не дај боже, ако биде негативен, а јас не верувам дека тоа е возможно, поради тоа што амбиентот е веќе јасен во Република Македонија, овие се историски чекори, историски решенија, убеден сум дека Македонија ќе смогне сила и мудрост, и за решенијата кои што следуваат пред нас, но и мудрост, за да застанеме заедно по вака важни прашања кои што навистина ни отвораат блескава перспектива за генерациите денес и оние што доаѓаат после нас.
Медиуми: Со господинот Ципрас, дали контактирате? Овде, (во Македонија, н.з) атмосферата се гледа како е, но таму (во Грција, н.з) коалициониот партнер Каменос најави дека нема да гласа за ратификација на Договорот?
Премиерот Заев: Секако, ние ги знаеме дури и гласовите во грчкиот Парламент. Дебатата беше отворена, верувам и вие медиумите и граѓаните знаат дека Каменос како министер во Владата и коалиционен партнер на Сириза, на господинот Ципрас му најави дека нема да гласа за Ратификација на Договорот, но ќе ја подржи Владата. А, секако има други партии, кои што јавно се изјаснија дека буквално ќе го подржат делот на Ратификација на Договорот. Јас, верувам дека и онаа доверба што грчката Влада ја доби, со 154 пратеници, дека ќе биде поголема бројката на пратеници кои што ќе гласаат за Ратификацијата. Мене ми е драго, што еден наш иден стратешки партнер, Грција, веќе е вклучен активно да и помогне на Македонија во охрабрувањето, пред Франција, пред другите, за да можеме да добиеме датум за преговори. Бенефитот веќе го чувствувам, јас сум горд, што еден нов пријател на Република Македонија, тоа е Грција и мојот личен пријател, Алексис Ципрас е директно вклучен, како што е вклучен е и премиерот Борисов, како што се вклучени сите премиери од европските други земји- членки, да помогнат на Македонија, да навистина и Франција и другите земји бидат позитивни.
Тоа е, на крајот, и резултат од пријателството кое што го градиме. Еве, сè уште е во процедура Договорот во Македонија, знаете дека следува Референдум, уставни измени и слично. После тоа и во Грција ратификацијата, но веќе Грција е вклучена комплетно да и помогне на Република Македонија.
Медиуми: Премиере, до каде е Владата со подготовката на даночните реформи, со оглед на тоа дека во јавноста веќе се појавија шпекулации дека прагот за даночење сепак ќе биде 1.000 евра? Има и зголемени давачки и кај некои други ставки, кои до сега не беа толку високи.
Премиерот Заев: Апсолутно, мислам дека дебатата, некој ја иницира претходно. Веројатно си има причина, имаат право, одредени медиуми да ја отвораат. Штом ќе бидеме ние подготвени, за таа дебата, ќе ги објавиме сите анализи, сите податоци, сите детали, за дебатата да биде квалитетна. Со внимателно слушање на граѓаните, така и ќе постапиме. Имаме време, знаете дека евентуалното донесување на ваквите закони, пред 1 јануари 2019 година, нема да влезе во имплементација.
Заедно, Владата со Парламентот ќе оцениме, кога е вистинското време да ја отвориме дебатата. Ние, не сакаме дебатата да ја отвориме кога очите на граѓаните се вперени во други важни работи за Република Македонија. Веројатно, во соодветно време, коешто ќе продуцира квалитетна дебата, тогаш и ќе ја отвориме.
И, не е точно тврдењето дека Владата има утврдено, до 1.000 евра да се плаќа, како и досега 10 проценти данок, а над 1.000 евра да се плаќа поголем данок. Не, дебатата ќе го одлучи тоа, буквално ќе ги измериме сите податоци, така ќе ја донесеме одлуката. Но, праведното оданочување е нешто, кое што е фер во секоја земја. Ние сме левичари и редот е сите граѓани кои што имаат поголеми приходи, од 1.500, 2.000, 3.000, 5.000 евра, да платат повеќе. Дај боже, да имаме сите повеќе, па сите да платиме повеќе данок на државата. Тие пари, ќе одат за социјална помош, здравство, образование... Веднаш ќе кажеме каде ќе бидат насочени. Но, ќе дојде дебатата на таа тема и верувам многу демократски, многу транспарентно ќе ј истуркаме како Република Македонија, предводени од граѓаните и на крајот ќе ги донесеме одлуките.
Медиуми: Господине Заев, Дали сте го слушнале гласот на господинот Мицкоски во бомбите што вие ги поседувавте? Ве прашувам ова, бидејќи тој најави дека ќе ја реформира партијата, но никако да тргне. Ве прашувам, бидејќи тие бомби можеби ги поседува и поранешното раководство и оценува, не може Мицкоски да почне со тие реформи.
Премиерот Заев: Јас, сакам да градам соработка со господинот Мицкоски и со ВМРО-ДПМНЕ. Не заради тоа што само јас сакам, туку и заради тоа што, тоа и треба на Република Македонија. Верувам, дека сите по пат на демократска дебата, внатре во нашите партии, ќе донесеме соодветни одлуки за Република Македонија, кои што апсолутно ќе и гарантира добра иднина, ќе ги овозможат нашите стратешки цели, НАТО и ЕУ, и ќе донесат европски и економски перспективи за граѓаните. Тоа им го должиме. Така да, од длабочината на моето срце, со желба дека сакам да градам соработка, нема да дадам одговор на ова прашање.