На 76-тата седница на Владата, која треба да започне денеска во 12:00 часот, министрите ќе го разгледаат извештајот за работата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во 2017-тата година.
На предлог на Генералниот секретаријат на Владата, министрите ќе дискутираат и за информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други органи и организации што имаат јавни овластувања, во периодот од јануари до март оваа година.
Како материјал за информирање, Владата ќе ги разгледа финансиските извештаи за работењето на АД МЕПСО во Скопје, во третиот и четвртиот квартал од 2017-тата година, односно во периодот од јули до декември, како и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на Комисија од хартии од вредност на Република Македонија.
Владата на денешната седница, на барање на Собранието, треба да даде мислење за Предлог-законот за изменување на Законот за инспекциски надзор.
Денеска пред министрите ќе се најде и Предлог-уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2019-тата година.