Владата на денешната седница донесе одлука за измени на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања за оваа 2018 година.
Со измените висината на субвенциите за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети, се зголемува од постоечките 3 денари на 7 денари за килограм. Оваа интервентна мерка ќе важи за земјоделците кои ќе ги предадат доматите во преработувачки капацитети или преку регистриран откупувач од утре до 15 јули годинава.
Во определениот период се очекува да се откупат околу 500 тони домати. За исплата на зголемената субвенција се планирани 2 милиони денари, пари кои се во рамки на расположливите средства од Програмата.
МЗШВ донесе одлука за зголемување на субвенцијата поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката, како и ниската откупна цена. Со ваквата интервентна мерка се очекува стабилизирање на пазарот на домати, а вишокот од производство да заврши како суровина во преработувачката индустрија.
Како ресорно министерство и во следниот период ќе го следиме откупот на домати и ќе делуваме континуирано во делот на интервенциите и решавање на проблемите во земјоделството, тогаш кога ќе биде потребно.
Обезбедувањето на сигурен пласман и создавањето на достоинствени пазарни услови за сите чинители во земјоделството, е една од стратешките цели на МЗШВ.
Затоа, МЗШВ интензивно работи на долгорочна стратегија за решавање на пласманот на земјоделските производи, преку отворање на нови пазари за македонските земјоделски производи. Во овој процес се вклучени и македонските амбасадори, со цел да помогнат во делот на отворањето на странските пазари за македонските земјоделски производи.