Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се обрати на почетокот од тридневниот семинар РОС-РОТ посветен на Евроатланската интеграција на Западен Балкан: зајакнување на европскиот мировен проект, кој се одржува во Собранието на Република Македонија.
Поздравувајќи ги присутните на семинарот, меѓу кои, претставници од членови на Собранието на Република Македонија, претставници на парламентарното Собрание на НАТО, на министерството за одбрана на Швајцарија, претставници од дипломатскиот кор, граѓански организации и медиуми, премиерот Заев во говорот рече дека одлуката на Советот на ЕУ е јасен патоказ за иднината на државата и стимул да се продолжи да се работи на реформите за постигнување на крајната цел членство во ЕУ и НАТО.
Понатаму во своето обраќање тој истакна:
Дозволете на почетокот да споделам огромно задоволство за вчерашната одлука за добивање на датум за преговори со ЕУ, јуни 2019 година.
Сакам да им честитам и на делегацијата на Албанија кои што исто така добија датум заедно со Македонија. Имајќи предвид дека во Мај 2019 се изборите за Европскиот Парламент, одлуката на Европската Унија е комплетна и целосно согласно нашите очекувања. Ние сме среќни и секако дополнително мотивирани.
Дозволете да се заблагодарам на сите земји членки на ЕУ за оваа мотивирачка одлука за РМ. Посебно ми е драго што нашите два соседи, Република Бугарија и Република Грција водеа плодна дискусија и се изборија за посакувана одлука за Македонија и за Албанија, и сме среќни и благодарни за тоа.
Почитувани.
Од прогласувањето на нашата независност во 1991-ва година, нашата земја измина макотрпен пат. По голем број предизвици и турбуленции, некои безбедносни, некои политички, ние сме денес непоколебливо свртени кон нашата евро-атлантска иднина и полноправно членство во НАТО во блиска иднина, и почеток на преговори со ЕУ.
Македонија работи посветено за членство во ЕУ и НАТО буквално од својата независност.
Работевме напорно во изминатиов период. Како држава денес сме посветени и на градењето на меѓуетничката кохезија преку создавањето на „Едно општество за сите“, како што ветивме пред граѓаните. Сакаме да се осигуриме дека нашите граѓани се еднакви пред законот и имаат еднакви можности за достоинствен и просперитетен живот, без разлика на нивната етничка, верска или било каква друга припадност. Само преку создавањето на општество што се грижи за сите свои граѓани, ние можеме да тврдиме дека конечно сме се трансформирале, од нестабилен, турбулентен регион, во регион полн со можности за Европската стабилност и мир.
Потребата да се решаваат несогласувањата од минатото не завршува на границите на нашата држава. Потпишавме договор за добрососедски односи со Бугарија, ставајќи крај на цела декада на штетни политички ставови на двете страни. Оттогаш, трговијата е само показател за унапредувањето на соработката помеѓу нашите две земји. Таа е зголемена за 11,5% и ние имаме, повторно, вистински пријател, сојузник и сосед.
Пред десет месеци, ветивме дека ќе дадеме сè од себе да постигнеме договор со Грција околу спорот којшто траеше повеќе од 25 години. Со чекорите коишто ги предвидовме во договорот потпишан од министерот Димитров и министерот Коѕијас, ќе создадеме нови услови за соработка и трговија помеѓу нашите две земји. За Македонија, тоа значи и покана за НАТО како полноправна, 30-та членка и признание за нашите минати, сегашни и идни напори како стабилизирачки фактор во регионот и подалеку.
Нашата посветеност на НАТО е докажана преку одлучните политики коишто ги имплементиравме до сега. За оваа година го зголемивме нашиот буџет за одбрана за 0,2% од БДП и платите на вработените за 10%, со што се приближивме до НАТО целта од 2% од БДП за одбрана. Четврта земја сме по БДП во учество во мисијата во Авганистан. Го зголемивме нашето учество во НАТО мисијата во Авганистан за 20%, како и нашиот придонес во УНИФИЛ мисијата во Либан.
Ќе го завршиме нашиот Стратегиски Одбранбен Преглед до крајот на овој месец, како патоказ за разрешување на долгогодишните проблеми во армијата и модернизирање на нашите одбранбени можности.
Во последната година, ние исто развивме Национална стратегија за спречување на насилен екстремизам (2018-2022) и Национална стратегија за борба против тероризам (2018-2022). Преку работата на канцеларијата на Националниот Координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, ние имаме докажано дека сме ефективен партнер во намалувањето на овие транснационални закани и придонесуваме кон регионалната стабилност.
Но, европскиот мировен проект не значи само вложување во одбранбените капацитети и подготовка за најекстремните сценарија. Преку зборовите на еден од татковците на денешна Европа, изградбата на европскиот мир се заснова на премисата дека војната е „не само незамислива, туку материјално невозможна“. Она што започна пред повеќе од половина век со испреплетувањето на капацитетите на Германија и Франција за производство на јаглен и челик, денес е еден од најуспешните економски блокови и заедници во светот.
Европската Унија е развиена, успешна, економски јака и стабилна, притоа обезбедувајќи можности и услови за живот на своите граѓани, како ретко каде во светот.
Дозволете ми да ви пренесам дел од оптимизмот што струи веќе во Македонија, по вчерашните вести за датумот за преговори.
Почетокот на преговори за членство во јуни значи јасен патоказ за иднината на нашата држава и напредок во поглед на нашите европски интеграции. Сето она што го изминавме до сега е препознаено во одлуката на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и ни дава стимул и кураж да грабиме напред уште повеќе. Уште посилно. Уште попосветно.
Почетокот на преговорите е огромен напредок за нас, како земја која што имаше и внатрешна криза и надворешна политичка препрека не толку одамна. Покажавме дека кога се сака, се може, а кога се може, зошто и да не се случи?
Почетокот на преговори е огромен успех и за идејата на обединета Европа. Преку нашето искуство, заложба и ентузијазам, покажавме дека идејата за обединета Европа се уште живее и вреди да се работи за неа. Но, покажавме и дека желбата да се придружиме кон европското семејство на народи е и силен мотиватор за работа, стабилност и посветеност на реформскиот пат.
Нашата влада има заземено непоколеблив став да ја видиме нашата земја како членка на НАТО и ЕУ што поскоро. Впрочем, ова е општ политички консензус на сите политички фактори, во овој парламент во Република Македонија.
Ова не се празни зборови. Нашите политики ќе продолжат да се фокусираат на обемната работа која што е потребна да се зајакнат институциите и да се врати довербата на граѓаните.
Нашата транспарентност пред граѓаните, нашата борба против корупцијата, нашата посветеност на владеењето на правото, и нашиот пријателски пристап кон нашите соседи се примери за други општества, чинители и влади, на Балканот, но и пошироко. Ние веруваме дека патот по кој одиме сега ќе има далекусежни ефекти на стабилноста на целиот регион и Европа.
За доброто на нашата земја и за доброто на нашите соседи, сите ние заедно во Македонија ќе продолжиме со нашите напори да станеме полноправни членки на НАТО и Европската Унија.
Почитувани,
Европскиот мировен проект ќе биде целосен во моментот кога сите заедно, ќе станеме дел од европското семејство на народи, и полноправна членка на НАТО ќе биде и нашата земја, Република Македонија.
За НАТО, европската иднина на Македонија и за европската иднина на целиот регион, продолжуваме да работиме со надеж за успех и стабилност, како на Македонија, така и на целиот регион.