Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се обрати на РОС-РОТ семинарот, во Собранието на Република Македонија.
Министерот Поповски, во своето обраќање се осврна на медиумскиот пејзаж во Западен Балкан и влијанието на дезинформациите во креирањето на јавното мислење.
Тој, во својот говор истакна дека состојбата на медиумите во Западен Балкан, за жал, и покрај сите укажувања, според индексот на Репортери без граници, може да се опише накратко како „загрижувачка или сериозно загрижувачка“, дека трендот на ширење „шокантни“ вести – дезинформации, како на национално така и на регионално ниво, е најголем поткопувач на демократските, реформските и на евро-атлантските аспирации на регионот.
Исто така потенцираше и дека активната соработка на медиумите од регионот во насока на запознавање со состојбите во соседните држави е најголем непријател на лажните вести.
Понатаму во своето обраќање министерот Поповски додаде:
„Пред сè, поради целта на таквите квази - информации, а тоа е поткопувањето на владеењето на правото и политичката стабилност која, меѓу другото, не помалку влијае и на работата на новинарите.
Лажните вести не се само фраза, туку сурова реалност.
Тоа е ефект кој го гледаме секојдневно по медиумскиот простор, со екстремен пик на дигиталниот простор.
Таму информациите се пласираат, се појавуваат и исчезнуваат фреквентно, најчесто без трага, без можност за проверка на фактите, и без исклучок со наслови специфично осмислени да бидат мамка за кликови.
Најчесто наменети за да дискредитираат личности, заедници, општества.
Лажните вест и дезинформациите не се нешто ново.
Како пример само ќе го спомнам случајот со новинарката Џенет Кук од прочуениот Вашингтон Пост, која во раните 80-ти толку успешно ја пласираше нејзината сторија за 9 годишно дете зависник од хероин кое живее под мост со родители исто така зависници, за што доби дури и Пулицерова награда за нејзиниот труд. Но, детето никогаш не беше најдено, наградата беше повлечена, дамката на весникот остана.
Денес, користејќи ја развиената технологија, дезинформациите, сакале да признаеме или не, ги менуваат нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор.
Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.
Кога зборуваме за состојбите на медиумите во Западен Балкан, неминовно е да се осврнеме и на ситуацијата на големото непознавање и незаинтересираност на медиумите на состојбите во соседните земји.
Медиумите во регионот се интровертни.
Соработката на медиумите од регионот е на многу ниско ниво.
Тоа е исклучително плодно тло за регресивните сили и пропагаторите на евроскептицизам, национализам, и секакви форми на радикализам, од политички до верски и идеолошки.
Како на некој да не му одговара да излеземе од бурето барут.
Јавното мислење се појавува како концепт од постоењето на човечкото општество и се развива со еволуцијата на институциите на тоа општество.
Тоа е тоа што прави или уништува репутација, на личност, група, институции, влади.
Секој индивидуалец е засегнат од влијанието на јавното мислење затоа што влијае на неговиот секојдневен живот, а агресивното и структурирано дезинформирање, има за цел драматично да влијае на јавното мислење креирајќи ПОЛОВИЧНА слика, која на одредени поединци, групи или организации ќе им помогне да остварат својата цел.
Владините политики во една земја се креираат со претходно испитување на јавното мислење. Тоа е лајт-мотивот за секоја Влада. Лиферувачите на лажните вести се оние кои сакаат преку константно провоцирање со полу-вистини и лаги да испровоцираат било каква форма на криза, затоа што во криза тие најмногу можат да профитираат.
Намерно го потенцирав зборот ПОЛОВИЧНА. Затоа што дезинформациите и лажните вести не би биле толку успешни доколку се тотални лаги. Нивната успешност е во тоа што се перфидни полувистини.
Немаат дефинирана форма, и креирани се да предизвикаат заплашување, несигурност, недоверба, фрустрација, а пред сè, да привлечат големо внимание.
Суштината на медиумскиот бизнис лежи во информациите, т.е. во испорачување на вистина преку објективно и целосно информирање на јавноста, со почитување на етичките правила.
На тој начин, со само регулацијата се штитат и универзалните човекови права - слобода на изразување и право на информирање, и слободните и професионални медиуми
Слободата на говор е загарантирано човеково право, но злоупотребата на тоа право, во форма на дезинформирање, наведување или пропагирање, што во случајот на Западен Балкан многу лесно се рефлектира врз целокупната безбедност и стабилност, сериозно ја загрозува слободата на говорот.
Видовме, не само деновиве туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување.
Затоа, како Влада, повеќе пати повикавме на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање.
Во една земја, активната транспарентност е најголем непријател на лажните вести и дезинформациите.
Во едно соседство, како Западен Балкан, активната соработка на медиумите е клучна како никогаш до сега за сузбивањето на трендовите на агресивно дезинформирање.
За весниците на лагата, граѓаните не се цел на вистинско информирање, туку цел за манипулација и при ескалација на страстите – топовско месо.
Идеално би било граѓаните да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги консумираат.
Но, не може да очекуваме секој граѓанин, што се информира од медиуми достапни на својот мобилен уред, на патот од дома до работа, или на пауза за ручек, да ја проверува информацијата пред да ја прифати како таква.
Тоа е работа на регулаторните тела, и не помалку на медиумите, чијшто простор е директно узурпиран од таквата не само нелојална, туку и не етичка конкуренција.
Клучот е во новинарската професија, не само на национално ниво, туку и на регионално. Да се само регулира и да се држи до етичките и морални стандарди.
Владите и сите политички субјекти мораат да ги поддржат овие стандарди.
Ќе ја искористам оваа прилика да ги повикам медиумите во регионот, на поголема и поинтензивна соработка во насока пред сè на запознавање на состојбите во соседните држави, затоа што обединувањето во борбата против лажните вести е една од најдобрите одбрани од нив“.