Министерката за правда најави нов модел на антикорупциска комисија

Механизми за ефективна борба против корупцијата беше темата на денешното обраќање на министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска, во рамки на Втората сесија на Работната група – III (Првосудство и основни права - Поглавјето 23) од Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија (НКЕУ-МК) која се одржа во Клубот на пратениците во Скопје.

 

 

Едно од прашањето коешто ќе треба да го решиме во наредниот период ќе биде преиспитување на законската рамка за лобирање – како да се врши контрола на механизмите коишто лобистите ги користат во вршењето на своите активности. Секако, потоа ќе следи и мониторинг на новите правила – истакна Дескоска.

Дескоска се осврна на формирањето на новата државна комисија за спречување корупција, при што истакна дека во моментот во Министерството за правда е формирана работна група којашто работи на измените на Законот за спречување корупција, а дека наскоро се очекува и нов модел на aнтикорпуциска комисија.

Идејата е новата комисија да биде составена од експерти, луѓе коишто немаат политичка афилијација, а тоа го сметаме за некој вид предност – знаењето, но и политичката неврзаност како предност во смисла на исполнувањето на овие задачи коишто оваа антикорупциска комисија треба да ги има. Во рамки на оваа работна група покрај моделот на антикорупциска комисија, се разгледуваат и надлежностите на овој орган бидејќи ефективни надлежности но и јасни законски норми ќе бидат секако придонес кон подобро вршење на активностите на овој орган во рамките на своите надлежности- потенцираше Дескоска.

Веќе Министерството за правда заедно со меѓународната заедница презема одредени активности околу јакнење на техничките капацитети коишто ќе бидат ставени на располагање на новата антикорупциска комисија, бидејќи без нив не можеме да зборуваме за капацитетни комисии, колку убаво и да ги насликаме во законската рамка – рече Дескоска.

Натаму таа се осврна на реформите во судството при што истакна дека пред судството стојат две задачи: да се бори со корупцијата во другите органи, но и да се бори со корупцијата во своите редови.

Корупцијата не е само примање на парични надоместоци или подароци, корупцијата е отсуство на сите видови влијанија во носењето на одлуките и тоа е особено битно за судството, бидејќи кај нив е изрично пропишано дека мора да судат врз основа на Уставот и законите во Република Македонија, што за жал не секојгаш беше случај во изминатиот период – потенцираше Дескоска.

Еден од предизвиците коишто ги имаме е измена на Законот за судови, како и Законот за јавното обвинителство – закони кои се носат со двотретинско мнозинство. Законите се меѓусебно поврзани и битни фактори во борбата против корупцијата, но потребно е да се постигне поширок консензус во Собранието со цел да имаме добри законски решенија. Мојот пристап е дека не смееме да правиме отсапки во квалитетот на законите за сметка на постигнување поширок консензус. Некогаш е подобро да задржите статус-кво ситуација, отколку да внесете лоши решенија коишто понатаму ќе ви бидат пречка во понатамошната работа – истакна министерката за правда.

Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија дејстува како отворен и континуиран форум за постигнување на поширок општествен консензус за прашања поврзани со пристапувањето на Република Македонија кон Европската унија. Применета најпрво во Република Словачка како модел на мобилизација на стручната јавност во забрзувањето на евроинтеграцискиот процес, НКЕУ денес успешно се применува во повеќе држави од нашето соседство (Србија, Црна гора и Албанија). Својата работа во Република Македонија ја започна на 11 ноември 2017 година со одржувањето на првата, конститутивна, пленарна конференција.

Главната цел на НКЕУ-ЕУ е зголемување на интегративните капацитети на општеството преку дијалог за витални теми и барање на решенија (препораки и мерки) во духот на европската легислатива и европските практики.