Премиерот Заев прими делегација од претставници на синдикатите на просветните работници од Турција и од земји од Евроазиската Унија на синдикати за образование

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во посета прими делегација од претставници на синдикати на земјите од Евроазиската Унија на синдикати за образование.
 
Делегацијата составена од Талип Гејлан, претседател на Евроазиската унија на просветни синдикати, Хуѕмбат Нагијев, Потпретседател на синдикатот на просветни работници на Азербејџан, Асилбег Токтогулов, претседател на синдикатот на просветните работници на Киргистан и Каган Миндикоглу претседател на синдикалното движење Мемур-Сен, ја предводеше Елвин Хасан, претседател на НВО УФУК-Македонија, организација домаќин на годишната конференцијата на Евроазиската унија на синдикати за образование.
 
Гостите изразија задоволство од средбата и пренесоа поздрави до премиерот и владата за постигнатиот договор со Грција како и поддршка за успешните евроатлантски интеграции на земјава.
 
Премиерот Заев, посебно ја поздрави иницијативата поради која се гостите тука во Македонија, конференцијата за просветни синдикати, и рече дека штитењето на правата на просветните работници, но и на работниците генерално, е благороден порив, што го прави синдикалното организирање многу важно за севкупниот квалитет на живот.
 
Премиерот Заев, истакна дека Македонија е пријателска земја, и има добра соработка со секоја од земјите од каде доаѓаат гостите, и дека посебно работи на стратегии за интензивирање на економската и трговската соработка со посочените држави.