Во рамки на еднодневната посета на Софија по повод Седмиот самит на шефови на влади од процесот на соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа (16+1), Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и владината делегација остварија средба со премиерката на Романија, Виорика Данчила и со романската владина делегација.
Премиерката Данчила изрази силна поддршка за евроатлантските аспирации на Република Македонија и во тој правец порача дека Романија како претседавач со Европската Унија од јануари, 2019 останува посветена на поддршката за земјите од Западен Балкан, и ја нагласи цврстата определба Романија да и помогне на Република Македонија со советодавна и техничка помош во предпристапниот процес.
Во однос на претстојниот Самит на НАТО којшто ќе се одржи следната недела во Брисел, премиерот Заев рече дека Република Македонија очекува покана и почеток на пристапни разговори за членство во НАТО алијансата, а поддршката што Романија и ја пружа на земјата во овој процес ја оцени како исклучително важна.
На средбата се разговараше за иницијативата за заедничка организација на Бизнис форум како чекор којшто ќе води кон интензивирање на економските релации и билатералната соработка помеѓу двете земји.