Два тима победија на Фин Хакатонот за креирање на веб апликација, видео и мултимедијална игра за Граѓанскиот буџет, кој викендов се одвиваше во Министерството за финансии. Тие ќе го делат наградниот фонд од 1,5 милиони денари, а и двата тима ќе имаат можност да го развијат својот производ и да отворат сопствена фирма преку кој понатаму ќе го пласираат.
Тимот составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска Стојановски и Георги Михаилов имаа најдобра видео и мултимедијална игра. Најдобра веб апликација пак, понуди тимот составен од Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Столеска, Александар Трпески и Александар Бакo Марковски.
Двата тима ќе работат на развој на финални производи со Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој, кои наскоро ќе им станат достапни на граѓаните.
Фин Хакатонот е во организација на Министерството за финансии и Бирото за иновации и технолошки развој. Целта на предизвикот кој траеше 48 часа во Министерството за финансии е да се направат јавните финансии и Буџетот на Република Македонија подостапни за граѓаните преку идеи од самите граѓани.