МТСП: Во Кавадарци отворена градинка со капацитет за 75 деца

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска присуствуваше на свеченото отворање на новата градинка, „Буба Мара”, која функционира како дел од ЈОУДГ „Рада Поцева” во Кавадарци.

Министерството за труд и социјална политика за опремување на овој објект од својот буџет обезбеди над 1.4 милиони денари, а во адаптацијата на просторот со свои средства се вклучи и Општина Кавадарци.

„Главната задача која ја имаме наследувајќи еден разрушен систем е да ги зголемиме капацитетите преку изградба и адаптација на објекти. Со оглед на тоа што Кавадарци е една од општините каде има голем недостиг на градинки за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст, министерството за труд и социјална политика во соработка со општината заеднички пристапија кон решавање на оваа ситуација со адаптирање на простор во кој ќе се згрижуваат до 75 деца”, изјави министерката Царовска на свеченото отворање.

Програмска цел на оваа Влада e да се зголеми опфатот на деца во предучилишно образование за 50% до крајот на мандатот.

Министертвото за труд и социјална политика посветено продолжува да работи на изградба на нови, но и реконструкција и адаптација на веќе постоечките градинки за да ги подобри условите за згрижување на децата. 

Обезбедени се 931 вработување во градинките. До крајот на годината вкупната инвестиција во изградба, опремување и адаптирање ќе биде 71 милион денари.