Тодоров: Со средствата од закупнината што ќе ја плаќа „Филип Втори“ ќе се реновира градската болница „8 Септември“
Средствата од закупнината што закупецот Филип Фтори ќе ја плаќа за користење на простории во Градската општа болница „8 Септември“, а се во висина од 75 илјади евра на месечно ниво, ќе бидат искористени за обновување на инфраструктурата болницата, најави денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Годинава, додаде, за обнова на ентериерот во ЈЗУ „8 Септември“ ќе се инвестираат вкупно 870 илјади евра, од кои 550 илјади евра за реновирање на болничките одделенија со замена на дотраени подови, тавани, молерисување на целиот објект, поправка и фарбање на сите врати, реновирање на тоалетите, замена на врати, на плочки, санитарни елементи, како и комплетна замена на водоводната и канализациска инсталација во санитарните јазли.
Тој информира дека се предвидени и дополнителни 320.000 евра за замена на лифтови во оваа здарвствена установа, при што ќе бидат обновени вкупно пет лифта. На таков начин, како што рече министерот, болницата ќе заштеди средства што ги издвојувала за поправки на дотраените лифтови, кои пак ќе бидат искористени за набавка и замена на уште еден лифт во поликлиничкиот дел.
- Со тоа вкупната инвестиција за осовременување на условите во „8 Септември“ изнесува околу 900 илјади евра. Ова е прв реконструктивен зафат од ваков карактер од отворањето на оваа здарвствена установа во 1971 година, рече Тодоров.
Во секое од болничките одделенија во просек се лекуваат по 150 пациенти месечно додека во целата болница, годишно се извршуваат над 100.000 амбулантско-поликлинички прегледи и се лекуваат 9.300 лежечки пациенти, со постојан тренд на зголемување, бидејќи само во последните три месеци 36.000 лица влегле во болницата.
Министерот за здравство денеска најави и обнова на инфраструктурата во Клиниката за детски болести во Скопје. - Вкупната инвестиција за осовременување на условите во оваа клиника за оваа година ќе изнесува околу околу 1 милион евра, од кои 250 илјади евра за замена на прозорците, 600 илјади евра за климатизација и внатрешно реновирање и 150 илјади евра за замена на лифтовите, кои не се заменети ниту еднаш до сега од нејзиното отварање.
Тој појасни дека голем дел од средствата за осовременување на Детската клиника, се обезбедени како резултат на издвојување на 50 проценти од средствата што Бирото за лекови ги наплаќа од регистрацијата на лекови.
Во рамки на тендерот за замена на лифтови, ќе биде предвидена и набавка на лифт во Клиничката болница во Штип, како што рече, потребен заради нејзина непречена комуникација со новоинсталираните апарати кои се сместени во новоизградениот дел на болницата.
- Вкупната вредност на планираните реконструктивни зафати изнесува над два милиони евра и сите овие градежни активности е предвидено да завршат до крај на 2012 година. Реализацијата на овие градежни зафати, паралелно оди со реконструкцијата на останатите здравствени установи, како и тендерот за набавка на нови кревети и душеци. Со овие инвестиции сакаме сериозно да ја промениме околината и амбинетот во јавните здравствени установи, рече министерот за здравство Тодоров.