Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот претставен од Националниот координатор Борче Петревски, кој беше придружуван од замениците Џеладин Ајвази и Златко Апостолоски, денеска со заменик-помошникот државен секретар на САД и шеф на Бирото за конфликти и операции за стабилизација, Пит Мароко и неговите соработници на работна средба, разговараа за приоритетите и иницијативите за спречување на насилниот екстремизам и напорите за зајакнување на регионалната соработка со земјите од Западниот Балкан. Воедно, ја потенцираа и важноста за меѓуверски дијалог во Република Македонија.
Мароко, кој е во посета на Македонија во рамки на неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан, упати честитки за чекорите кои земјата ги презема во остварувањето на евроатлантските аспирации, посебно потенцирајќи дека Договорот со Грција е резултат на комплексни разговори и преговори.
Претставниците на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот и претставници од Стејт департментот споделија искуства од активностите кои се преземаат за спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам и се согласија дека надминувањето на овие проблеми се врвни безбедносни приоритети на Република Македонија.
Истовремено, како многу важна, беше оценета соработката со земјите во регионот и вклучувањето на Македонија во регионалните Програми за превенција на насилниот екстремизам.
Националниот координатор Петревски го запозна американскиот заменик-помошник државен секретар Мароко со конкретните активности кои Националниот комитетот за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот ги презема во тековната 2018 година, како и со приоритетните цели кои се планираат за периодот 2019-2022 година.
Тој истакна дека Владата на Република Македонија е посветена на превенцијата и сузбивањето на овие закани со координирана акција и заедничка стратегија со стратешките партнери на Република Македонија, САД, земјите на ЕУ, како и нашите соседи во регионот.
На средбата беше оценета важноста на двете Национални стратегии, за борба против тероризмот и за спречување на насилен екстремизам, кои со пропратни акциски планови, беа усвоени на седницата на Владата на Република Македонија, на шести март годинава.