Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во општина Берово оствари средба со градоначалникот Звонко Пекевски, а учествуваше и на седницата на Советот за развој на Источниот плански регион.
Во присуство на претседателот на Советот, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и членовите, градоначалниците на општините од Источниот плански регион, министерот Фазлиу истакна дека соработката меѓу локалните и централната власт е од интерес и на двете страни, а пред се од интерес за граѓаните во решавањето на нивните приоритетни прашања. Исто така министерот ја истакна и донаторската поддршка која што во моментов во областа на локалната самоуправа и регионалниот развој се реализира преку два големи проекти на Министерството за локална самоуправа.
Годинава средствата за рамномерен регионален развој Владата ги зголеми за над 50 насто. Во Источниот плански регион со 34 милиони денари се финансираат 11 нови проекти кои што како приоритетни се предложени од локалните власти во консултација со граѓаните. Во рамките на проектот Подобрување на општинското управување, финансиран од ЕУ во вкупна вредност од 2,4 милиони евра, ќе се имплементираат осум проекти во осумте плански региони, a во втората фаза ќе бидат финансирани проекти и во 30 општини, во вкупна вредност од над 1 милион евра, рече министерот Фазлиу, кој што изрази благодарност до УНДП за поддршката во процесот на имплементација. Нашата цел е да го поттикнеме развојот и да ги подобриме услугите во помалку развиените, а особено во руралните подрачја, рече Фазлиу.
Министерот Фазлиу побара од градоначалниците да ги дадат своите предлози и сугестии за подобрување на процесот на финансирање и на имплементација на проектите за наредната година.
Сега е вистинскиот момент затоа што во рамките на проектот Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, ќе се интервенира и во нормативната рамка со цел таа да се подобри. Сигурно дека тоа ќе биде направено во еден широк консултативен процес, но би требало да ја користиме секоја прилика за взаемна комуникација и координација за подобро управување со средствата кои што ни стојат на располагање и обезбедување на поголеми ефекти, рече Фазлиу кој нагласи дека е многу важно да се работи на зајакнување на институционалните капацитети затоа што напорите за интегрирање во Европската Унија се отсликуваат и преку капацитети за искористување на ЕУ фондовите и подготвеноста да бидеме рамноправен сегмент од регионалната политика на Европската Унија, рече Фазлиу.