Во рамките на тридневната посета на Република Италија, министерот Едмонд Адеми задолжен за дијаспора во Владата на Република Македонија денеска оствари работни средби со претседателот на регионалниот парламент на Трст, г-дин Пјеуро Мауро Занин и со потпретседателот Франческо Роко.
На оваа средба се разговараше за одличните односи на регионот Трст, еден од најразвиените делови на северна Италија, со балканските земји во рамките на економската соработка, културата и традицијата.
Претседателот Занин го пренесе интересот за продлабочување на односите со Република Македонија во областа на човековите ресурси, проектни програми, во областа на земјоделството, образованието и културата. Воедно министерот Адеми и претседателот Занин разменија повеќе информации за актуелните политички состојби во двете земји.
Г-дин Занин искажа беспрекорна поддршка за Република Македонија за референдумското прашање. Според него Италија претставува традиционален партнер во поддршката во сите развојни етапи на интеграциските процеси на Република Македонија. Соговорникот изрази надеж дека референдумот ќе заврши со успех и потсети дека ниту една земја порано во изградбата на партнерските односи со ЕУ, немала ваква поддршка.
Министерот Адеми се заблагодари на оваа пријателска средба, го покани претседателот Занин да ја посети Република Македонија и да се запознае со состојбите во нашата земја, а воедно да се изгради меѓусебна соработка со овој регион на Италија и Република Македонија.
Министерот Адеми, посочи дека регионот Трст и Република Македонија имаат потреба да ја зајакнуваат и развиваат соработката во насока на инвестициите и пренесување на искуствата во повеќе области на взаемни интереси пред се во областа на економијата, трговијата, земјоделската соработка и во областа на културата и образованието.
Стана збор и за дијаспората од Република Македонија, која е распространета во Америка, Европа, а со посебен нагласок на Италија која е целосно интегрирана во Трст и регионот околу него.
Во разговорите двајцата соговорници се сложија дека нашата дијаспора е целосно интегрирана во италијанското општество и служи како мост за развивање на пријателски односи меѓу двете земји. Двајцата соговорници се согласија со тоа дека институциите во Трст треба да преземат чекори за целосна поддршка и промоција на македонската култура, јазик и историја.
Воедно, министерот Адеми оствари средба и со ректорот на Универзитетот на Трст проф. Маурицио Фермеглиа. Оваа највисока академска и образовна институција апсорбира студенти не само од Италија туку и од други европски држави, а воедно и од Северна Африка. Универзитетот во Трст е институција за изучување на природните и општествените науки, со посебен осврт на фармацијата и медицината, математиката и биолошките науки. За време на разговорот, соговорникот покажа големо познавање за Република Македонија во целина, но и за актуелните политички состојби во земјата.
Целта на оваа посета беше запознавање на двете страни и воспоставување на основа за идна соработка помеѓу Универзитетот на Република Македонија и Универзитетот од Трст. Министерот Адеми го посети и центарот на поранешната Воена болница која е адаптирана во Академска институција за тренинг, менторирање, практична настава и усовршување.
Центарот има улога на одржување на иновативни студии, професионалното издигнување, помагање на иновативни решенија во производството во различни нивоа на академската кариера и зголемување на менаџерските капацитети во практиката.
За посетата на министерот Адеми во Италија имаше голема заинтересираност од страна на државните и регионалните телевизии, како и од печатените медиуми и на крајот на средбите министерот Адеми имаше интервју за државната телевизија Раи Уно, но и за регионалните телевизиски станици од Трст.