Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од министрите за транспорт и врски, животна средина и образование, Горан Сугарески, Садула Дураки, Арбер Адеми, заменичката министерка за финансии, Ширете Елези и градночаланикот на општина Липково, Еркан Арифи денеска во општина Липково ја посетија локацијата кадешто се започнати градежни работи за изградба на прочистителна станица за вода за пиење.
„Денеска сме овде да означиме почеток на изградба на филтер станицата и доводниот цевковод за водоснабдување на Липково, проект вреден 84 милиони денари од кои 75 милиони денари се обезбедени од Владата на Република Македонија преку кредитната линија на Европската инвестициона банка, а 9 милиони денари се обезбедени од општина Липково. Ова е само почеток на водоснабдувањето на Липково. Се работи за вода пиење. Во 21 век не смееме да оставиме ниту едно село, ниту едно детенце во Македонија да остане без вода за пиење,“ потенцираше премиерот Заев во изјавата што ја даде за медиумите.
Премиерот Заев додаде дека се обезбедени околу 100 милиони евра за изградба и реконструкција на комунална инфраструктура и рече дека дел од овие средства се од ТАВ, околу 35 милиони евра, 20-тина се заштеди на јавните претпријатија, 50 милиони евра се нова кредитна линија од ЕИБ и 12 милиони евра се неискористени од постоечката кредитна линија на ЕИБ.
„Апелирам до општините коишто сеуште немаат искористено од тие пари да ги искористат до крај овие 12 милиони евра. Овде се направени такви алокации на средства кон општина Липково за овие 75 милиони денари. Верувам дека со многу брзо темпо, со ефикасни постапки ќе се пуштат цевките насекаде во Липково“, истакна Премиерот Заев и рече дека Владата останува посветена и сериозно ќе пристапува во реализацијата на вакви проекти кои значат решавање на елементарните потребни на граѓаните.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во својата изјава информираше дека со реализацијата на овој проект се создаваат услови за развој на водоводна мрежа во 22 населени места од општина Липково и како што рече паралелно на тоа ќе се гради и цевковод во должина од 570 метри до Липково. Тој како и премиерот ги повика општините да изработуваат и доставуваат квалитетни проекти.
„Само да информирам дека од мај месец се склучени 20 договори за изградба на водоводи и канализација, дополнително имаме активни тендери за седум општини и до крај на годината очекуваме тој број значително да се зголеми“, рече министерот Сугарески и порача дека очекува оваа и наредната година огромен број на комунални проблеми да бидат решени преку изградба на комунална инфраструктура.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки порача дека со реализацијата на овој проект се исправа голема неправда на граѓаните на Липково кои сега ќе можат да ја користат водата од природата и упати уверување дека граѓаните ќе дадат поддршка за членство на земјата во ЕУ и НАТО.
Градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи изјави дека денешниот ден е значаен за Липково бидејќи започнува изградба на голем капитален објект со кој се започнува процес на решавање на елементарна потреба на граѓаните за снабдување со вода за пиење.