Премиерот Заев: Воведуваме европски стандарди на социјална заштита, бидејќи Европа значи солидарност, социјална правда и достоинствени услови за живот за сите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска ги презентираа реформите на системот за социјална и детска заштита, коишто започнуваат од почетокот на следната година.

 

Реформата, како што рече Премиерот, пред се ќе значи надградба на социјалната парична помош, односно ќе се воведе минимален гарантиран приход. Со тоа како што истакна Премиерот Заев, граѓаните од ранливите категории секој месец ќе добиваат соодветен износ со којшто ќе можат да ги задоволат своите основни потреби.

 

„Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен надоместок од 11.700-тини денари.

 

За повеќе од 70% од корисниците на социјалната помош зголемувањето е повеќе од 300% или три пати повеќе од тоа што досега го добивале“, потенцираше Премиерот Заев на денешната прес - конференција.

 

Новиот систем на социјална и детска заштита ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани, но и на децата од сиромаштија. Реформата ќе подразбира и поддршка за комплетирање на образование на овие лица, со што тие ќе стекнат вештини и ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот.

 

„Воведуваме европски стандарди на социјална заштита. Европа, почитувани значи солидарност и социјална правда. Колку повеќе се доближуваме до Европската Унија, поддршката за социјална заштита постојано расте.

 

Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. Унијата вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани - реформа на системот на социјална заштита, унапредување на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секаков вид, значително унапредување на правата и заштитата на работниците и поголема инволвираност во сите овие прашања на социјалните партнери и граѓанското општество“, додаде Премиерот Заев.

 

Најважно е како што рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, државата да вложува во човечкиот капитал.  Реформата како што посочи таа, целосно ќе ги преобрази системите на социјалната и детската заштита и во исто време ќе ги извлече од сиромаштија најранливите категории на граѓани.

 

„Инвестирањето во човечкиот развој има клучна улога во економскиот успех на нацијата. Во градењето на способна и продуктивна работна сила како и во минимизирање на социјалните проблеми. Затоа со оваа реформа не само што го зголемуваме надоместокот, туку истовремено вложуваме во преквалификација на лицата кои се невработени за да може да се активираат на пазарот на трудот. Секое дете ни е важно. Се грижиме за сите деца, и за децата на приматели на социјална помош и за децата во домаќинствата со ниски примања- за сите нив предвидуваме детски и образовни надоместоци“, рече меѓу другото министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

 

На денешната прес – конференција, министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, истакна дека обврска на Владата на Република Македонија е да посвети значителен дел од државниот буџет за намалување на сиромаштијата на возрасните, но и на децата во земјата.

 

„За воведување на реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019-тата година, потребно е да се обезбедат дополнителни 2,2 милијарди денари. Со зголемување на средствата за оваа намена сакаме да обезбедиме доволно за сиромашните граѓани. Со оваа промена ќе бидеме сигурни дека нема да има гладни деца во Македонија. Ќе има придобивки за приватниот сектор и за економијата. Тие ќе бидат многукратни, секако ќе се зголеми потрошувачката на граѓаните и тоа на најранливите групи на граѓани“, додаде министерот за финансии Драган Тевдовски.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска го презентираше пакетот на реформи во системот на социјална и детска заштита.

 

Истакнувајќи дека, нај благодарен чин е некому безрезервно да помагаш, Премиерот Заев на денешната прес – конференција посочи дека Владата е посветена на остварување на врвните приоритети, да обезбеди достоинствени услови за живот за граѓаните. Во своето обраќање пред медиумите, Премиерот Заев меѓу другото рече:     

 

„Пред се, ја реформираме и ја надградуваме социјалната парична помош и воведуваме МИНИМАЛЕН ГАРАНТИРАН ПРИХОД. Целта е да го усогласиме паричниот надоместок кој го дава државата, со потребите на граѓаните и да им помогнеме побрзо и полесно да излезат од сиромаштијата.

 

Граѓаните во Република Македонија, коишто живеат во социјален ризик ќе добиваат износ којшто сметаме дека ќе биде доволен за да ги задоволат основните потреби. Сега, со постоечкото право на социјална парична помош ова не секогаш беше случај.

 

Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен надоместок од 11.700-тини денари.

 

За повеќе од 70% од корисниците на социјалната помош зголемувањето е повеќе од 300% или три пати повеќе од тоа што досега го добивале. 

 

Почитувани,

 

Воспоставуваме систем на социјална заштита којшто ќе обезбеди достоинствен живот за семејствата кои живеат во сиромаштија, но и ќе значи поддршка за нивно извлекување од сиромаштијата. На пример го олеснуваме пристапот до детскиот додаток, но и ја зголемуваме сумата што по овој основ ќе ја добива едно семејство.

 

Со реформата на системот за социјална и детска заштита воведуваме и нови додатоци за поддршка на деца од семејства кои се во системот на социјална заштита и деца на домаќинства со ниски примања.

 

Со ова, остваруваме уште еден од најголемите приоритети во работењето на Владата на Република Македонија – намалување на  детската сиромаштија. А го правиме тоа бидејќи секое дете ни е подеднакво важно. Ако ја осигуриме нивната иднина, ќе ја осигуриме и иднината на Република Македонија.

 

Но реформата на системот на социјална и детска заштита, секако не подразбира само дополнителни средства за ранливите категории на граѓани.

 

На овие наши сограѓани паралелно ќе им обезбедиме и поддршка за комплетирање на нивното образование и стекнување на вештини, за бидат конкурентни на пазарот на трудот. Што значи државата се фокусира комплетно, брзо да им најде работа и да ги подготви за лесно наоѓање на работа.

 

Покрај зајакнувањето на постојните социјални услуги и нивно натамошно приближување до крајните корисници, ќе развиваме и нови видови на услуги. Ќе се зајакнат капацитетите на локалната самоуправа, а во обезбедувањето и испорака на услугите во заедницата, ќе бидат вклучени и здруженијата на граѓани, физички лица и секако приватниот сектор. 

 

Почитувани,

 

Воведуваме европски стандарди на социјална заштита. Европа, почитувани значи солидарност и социјална правда. Колку повеќе се доближуваме до Европската Унија, поддршката за социјална заштита постојано расте.

 

Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. Унијата вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани - реформа на системот на социјална заштита, унапредување на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секаков вид, значително унапредување на правата и заштитата на работниците и поголема инволвираност во сите овие прашања на социјалните партнери и граѓанското општество.

 

Мене ми е драго што денеска споделуваме ваква информација со граѓаните заради тоа што ова ќе ја направи Македонија посолидарна и почувствителна земја во која што граѓаните подеднакво ќе си ја сакаат својата држава, Република Македонија“