Шекеринска на свеченоста за прием на 125 професионални војници во АРМ: Зборовите патриотизам, храброст се вашиот начин на живот, добредојдовте во големото армиско семејство

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска на свеченост во касарната „Илинден“ им ги врачи договорите за работа на 125 нови професионални војници, втора група војници која годинава го подмладува составот на Армијата на Република Македонија. 

Шекеринска на новопримените професионални војници им посака добредојде во големото семејство на Армијата, каде заедно со своите постари и поискусни колеги, ќе бидат столбот на државноста и сувереноста на татковината.

 

 

Министерката порача дека по овој прием на 125 професионални војници, веднаш се пристапува кон објавување на третиот јавен оглас, со што оваа година ќе се заокружи приемот на вкупно 375 војници во редовите на АРМ.

„За многумина политиката и искреноста се две паралелни линии кои никогаш не се допираат, но јас не се согласувам. Мислам дека без искреност, отвореност за проблемите, без транспарентност, не може да постои успех во решавање на ниту еден од тие проблеми и затоа од почетокот на оваа година се трудиме она што ќе го најавиме да го испорачаме. На почетокот токму на оваа година ветивме дека 2018 година ќе биде година на подмладување на составот на АРМ и дека во текот на годината ќе распишеме три огласи со кои Армијата ќе се засили со 375 нови професионални војници. Го одржавме зборот и во поглед на нашите стратешки приоритети“, рече министерката.

Поканата за членство во Алијансата е факт и реалност и веќе се започнати пристапните разговори со НАТО, за кои министерката изрази очекување да завршат брзо, ефикасно и квалитетно.

„Вие сте првите кои ќе ги почувствувате многу директно во вашата секојдневна работа, придобивките од членството во НАТО. Ќе можете да создавате уште поголем престиж и за вас лично како професионалци, меѓутоа и за Армијата која што ќе ја претставувате и тоа ќе го правите со најмоќните светски армии од најразвиените држави во светот. Ќе можете да бидете горди што секој од вас со вашата работа, упорност и професионалност ќе може да даде личен придонес кон овој процес на интеграција кој ќе донесе нова ера за Македонија, како 30. членка на НАТО-алијансата“, истакна министерката.

Шекеринска истакна дека Армијата е институција која го ужива најголемиот углед кај граѓаните на Македонија  и дека тоа е причина повеќе континуирано да се работи на нејзиниот развој.

„Буџетот за Армијата оваа година порасна за 15 проценти, и ќе продолжи да расте со точно определена динамика секоја следна година. Од тоа нема да отстапиме и затоа преземавме обврска и пред вас и пред нашите сојузници. Влегувате во Армија во која вработените оваа година, после долги години занемарување за прв пат добија покачување на платите од 10 проценти... Она што сакавме оваа година да постигнеме е да покажеме резултати во делот на елементарните предизвици со кои Армијата за жал мора да се справува, како што се униформи и чизми. Оваа година за прв пат успеавме да потпишеме договор за набавка на чизми со кои што за секој припадник ќе го решиме овој проблем. Продолжуваме со набавката на нови униформи, кои убедена сум дека вие ќе бидете меѓу првите кои што ќе ги носите. Ова се теми коишто не би требало да заземаат голем простор во нашите денешни дискусии, но се теми кои долги години не биле решени“, рече министерката и додаде дека следната година Министерството ќе може да се фокусира на главниот процес - модернизацијата и опремувањето кои што ќе донесат нова и напредна техника и технологија.

Министерката на професионалните војници им порача дека Армијата во која влегуваат се развива брзо и ги повика заедно, здружено и сплотено сите да работат за Министерството и АРМ да бидат подобри, поефикасни и попрофесионални.

„Ви честитам на изборот, сте биле меѓу најдобрите, сте успеале да поминете тежок процес на тестирања. Сега ќе ви треба истата енергија, истата сила и истата посветеност, за да покажете колку може да и понудите на Република Македонија“, рече министерката.

Во втората група од 125 професионални војници примени годинава, има 14 припаднички на женскиот пол, како и 23 граѓани на Македонија од Албанска, Турска, Бошњачка, Српска и Ромска националност. На свеченоста во касарната „Илинден“ присуствуваше и началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, заменикот-началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин и  државниот секретар во МО, Драган Николиќ.