Османи во Брисел на средба со Еврокомесарот Хан: Македонија ќе успее да ја оствари агендата 2025 на Европската Комисија

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел, оствари работна средба со Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, каде брифираше за напредокот на земјава на полето на имплементацијата на обврските од процесот на европски интеграции.

„Планот 18 е веќе усвоен на Влада и неговата имплементација, сега за сега, се одвива непречено. Очекувам навреме да бидат адресирани сите клучни области и да се создадат услови за конфирмација на одлуката за почеток на преговорите“ изјави Османи на средбата. Посочувајќи на напредокот во имплементацијата на реформите на клучните области, особено по откочувањето на Собранието со првото зелено светло за уставните измени.

„Собранието го даде првото зелено светло за уставните измени согласно договорот од Преспа, со што, не само што се отвори патот за имплементација на обврските од Договорот, туку се создадоа услови и за забрзување на реформскиот процес на земјата согласно заклучоците на Европскиот совет од Јуни“ - истакна Османи, потенцирајќи го притоа и напредокот на односите меѓу Македонија и Грција, кои се унапредуваат со забрзано темпо.

„Лично присуствував, заедно со колегата од Грција, Јоргос Катругалос, на првиот лет по 10 години пауза меѓу Атина и Скопје, со што и симболично но и суштински ги приближивме двата главни градови на оддалеченост од само еден час“ - истакна Османи, посочувајќи и на усогласеноста меѓу двете земји околу трилатералната иницијатива меѓу Македонија, Грција и Албанија, за одржлив развој на регионот Преспа, како и на иницијативите за стратешко партнерство со Грција и нивна поддршка за европските интеграции на земјата.

Османи го информираше Хан и за напредокот во подготовката на преговарачката структура за почеток на преговорите. „Работиме активно на вклучување како на граѓанскиот сектор, така и на академската заедница во преговарачката структура, процес кој очекуваме дополнително да ја засили преговарачката стручност и ефикасност на државата“ - истакна Османи.

„Имаме напредок по сите траектории - адресирањето на итните реформски приоритети и препораките врзани за европските интеграции; имплементација на обврските од договорите со Бугарија и Грција и напредок во добрососедските односи; како и подготовка на тимот и преговарачката структура за почеток на преговорите“ - истакна Османи, упатувајќи уверување до еврокомесарот Хан дека Македонија успешно ќе се приклучи на Стратегијата на Комисијата за проширување со земјите од Западниот Балкан и ќе успее да ја оствари Агендата 2025

Во рамките на посетата на Брисел, Османи одржа и неформален брифинг со претставници на Работната Група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ), каде го претстави Планот 18.