Шекеринска: Ќе одговараат сите што ја доведоа државата во ваква ситуација, немаме намера да ги спасуваме, ѝ должиме на Македонија да се види дека секој е еднаков пред правдата

Заменик претседателката во Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на прес-конференцијата за седницата на Комитетот за НАТО, на барање на новинарите, одговори на повеќе прашања поврзани со потрагата по поранешниот премиер Никола Груевски кој требаше да се јави на отслужување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“.

Прашањата на новинарите и одговорите на Заменик претседателката во Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, ви ги пренесуваме во целост: 

 

Дали и вие исто како премиерот верувате дека Никола Груевски не избегал, бидејќи така ветил? Дали некој во Владата ќе сноси одговорност ако се покаже дека Никола Груевски избегал и дека го нема? Што бараше возило на воена полиција пред влезот на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ синоќа? 

Шекеринска: Еве ќе почнам со првите две прашања заедно. Во изминатиов период, ние многу инвестиравме да покажеме дека МВР не е веќе ВМРО. Но моравме да покажеме дека МВР не е ни СДСМ. И тоа го покажавме. Во оваа држава точно се знае кога Министерството за внатрешни работи може да се активира. Во тој момент кога ќе добие налог од надлежен Суд. Сѐ останато би било истото МВР-ВМРО само во друго пакување. 

Факт е дека целата јавност очекува, како што претходно очекуваше судски пресуди, сега очекува одговорност. 

И навистина ќе се постави прашањето, како лесно, одредени судски инстанции одлучуваат за притвори за многу поситни дела, а како по прашањето на бомбите и по прашањето на одговорност за сите овие долги злоупотреби, тешко се одлучуваа за притвор. 

Не можеме ние како Влада, да се мешаме во судската власт. Не можеме да го земеме ниту нивниот дел од одговорноста, ниту нивниот дел од задачите. Со право ќе бевме критикувани, ако Министерството за внатрешни работи, реагираше пред да има официјален налог. 

А сега судството треба да истражи зошто за овие случаи, велам, толку тешко применуваат притвор, а веќе им избегаа одредени луѓе и зошто требаше, ако не се лажам четири дена, за налогот од Суд, да стигне во Министерството за внатрешни работи?

Но нема да ги решаваме проблемите ако Владата стане и обвинителство и судство и извршна власт. Тоа ќе биде нов проблем само со ново име. Или со нов печат. 

Во поглед на воената полиција и присуството на возилото во близина на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се работи за коинциденција. Вчера во посета ни беше еден генерал на земја-членка на НАТО кој што бил сместен во „Бест-Вестерн“ и при враќање на делегацијата назад во еден момент поминале пред седиштето на партијата, но тоа се случило пред да почне било која од операциите. 

Заради тоа што пристапот кон хотелот во којшто биле, единствено е од таа страна, не можете да донесете делегација од страна на улица Македонија, туку морате од задната страна. 

Јас нема да се потпрам исклучиво на овие усни информации, ќе побарам и писмена информација. Меѓутоа тоа што го добив до овој момент како информација е дека се работи практично за грешка при влезот, заради тоа што знаете дека е отежнат влезот во овој хотел. 

На ниту еден начин воената полиција, ниту треба, ниту смеела да биде вклучена, меѓутоа информацијата за вчерашните настани на никој не му била позната, инаку најверојатно и ние немаше да сместиме делегација во хотел кој што се наоѓа блиску до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа само покажува дека навистина се трудиме владата да е влада, а не да е како што реков ни судство ни обвинителство, ниту пак да се меша во работата на полицијата. 

 

Министерке, вие и министерот Спасовски, вината ја префрлате во Судството, но и вие како Влада бевте одговорни за да ги спроведете реформите. Како во НАТО и ЕУ со ваков безбедносен систем? Не можете човек што е обвинет во 10 случаи, човек што има пресуда, да го најдете, а зборувате за реформи во безбедносниот систем?

Шекеринска: Ако безбедносниот систем ни функционираше како што треба, денеска немаше да зборуваме за реформи, ќе зборувавме за безбедносен систем кој ги задоволува сите стандарди. Работиме на тоа, меѓутоа нема да го подобриме на тој начин што ние ќе си ја преземеме во свои раце, палката да бидеме Судство или Обвинителство. На крај ќе завршиме, така како што заврши овој кој што бега сега од правдата. 

Инаку мислам дека политички ова бегање од правдата покажува дека ни на старите, ни на новите зборови на Груевски никој не треба да верува. 

Меѓутоа факт е дека ова прашање треба да го решиме во рамките на нашиот систем. Сето останато е политика. Политички зборувано ова само ја потврдува неговата одлука да бега од македонската правда, затоа што знае дека згрешил, затоа што дека го прекршил законот, затоа што знае дека има и други предмети во којшто одговорноста е негова, меѓутоа сега се согласувам одговорност е на оваа држава и на сите нејзини институции да не дозволиме ова да стане нормално. 

 

Вие имате пристап до информации, дали знаете или не, каде е Груевски?

Шекеринска: Ова што го имплицирате би значело прекршување на сите правила, уставни ограничувања, и законски ограничувања. Задача на министер за одбрана не е да знае каде бегал премиерот во кој што за жал многу луѓе од опозицијата се колнат. 

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја обвини Владата дека не е точна дека не знае каде е Груевски. Дали навистина не знаете каде е Груевски?

Шекеринска: Доколку Мицковски, кој што се претвори во последните месеци во единствен бранител на Груевски знае каде е тој, еве јас лично и од позиција на функцијата која што ја имам го повикувам тоа да го соопшти. Зошто сметате дека некој во Владата би сакал да ја скрие таа информација? 

Овие три години страдавме не само ние, многу граѓани на Македонија, одевме по улици, жртвуваме многу за да се покаже дека системот бил комплетно растурен. Тоа го покажавме. 

Многу луѓе се сомневаа дали обвиненија, вакви ќе се поднесат против првите луѓе, особено против Груевски. Потоа многу луѓе се сомневаа дали Судството ќе донесе одлука против поранешен премиер, со многу контакти, со многу врски, со многу меѓусебно зависни односи со судството. Таква одлука се донесе. 

И верувам дека сомнежот повторно е висок, но оваа држава покажа дека знае еден по еден да ги решава проблемите. 

Јас сметам дека навистина треба да дадеме шанса на сите институции да си го завршат својот дел од обврските. А Мицковски ако барем малку сака да и помогне на Македонија, нека излезе и нека каже, зошто сиве овие месеци и фактички и практично и во позадина до штитеше Груевски. Зошто се правеше само да ја добие неговата слобода. Ако сега има информација каде е, зошто таа ја премолчува пред јавноста, пред вас, пред сите граѓани на Република Македонија. 

Апсолутно отфрлам било каква шанса некој да знае, а тоа да не го направи. Ние барем сме последните кои што би имале интерес тоа да го направиме. Се направивме за да носат одговорност тие кои што ја доведоа државата во ваква ситуација. Немаме намера сега да ги спасуваме, не им должиме ништо, но и должиме на Македонија да се види дека секој е еднаков пред правдата.

Нашиот повик до Судството, не е повик на притисок, туку е повик сите да си понесеме свој дел од одговорноста, тоа значи дека кога се најавуваат бегања, или кога ни се случуваат бегства да се води сметка и да не се калкулира ниту со термините на испраќање на налозите, меѓутоа ниту со притворите. 

За многу поситни дела многу лесно некои судии носеа одлуки за притвор, а сега за многу сериозни дела таквите одлуки отсуствуваа. Повик е никогаш да не ни се случи вакво нешто затоа што одговорноста не е колективна, одговорноста е на тие судии така постапиле.