Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на денешната прес-конференцијата, на барање на новинарите, одговори на повеќе прашања поврзани со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија.
Прашањата на новинарите и одговорите на премиерот Заев, ви ги пренесуваме во целост:
Премиере ве молам, дали имате сознанија преку кои гранични премини избегал господинот Груевски? Дали шпекулациите што веќе ги објавуваат медиумите во регионот, Црна Гора и Албанија се точни? Дали контактирате како Влада со тамошните власти и какви информации добивате од нив во поглед на тоа? Потоа сакам уште да прашам дали некој во земјава е можно да му помогнал на г-динот Груевски и дали се отвораат такви истраги? Дали очекувате екстрадиција од унгарските власти и дали ќе врачите протестна нота до Унгарија?
Премиерот Заев: Информациите кои што се објавени од Албанија и Црна Гора се доставени вчера, уште дента, кај нас службено. Имаме добри соработки со нив, нормално тоа се две земји пријатели на Македонија. Ги доставија прво сите информации, а после тоа нивно право е да си објават во јавноста поради можни шпекулации од нивна одговорност или не. Ние тоа го почитуваме. Разликата е што таму не се води истрага, овде се води истрага.
Отворена е двојна истрага, едната е од внатрешна контрола за можна одговорност на полицијата или било кој вработен во МВР; и второто е под раководството на Јавното обвинителство за организиран криминал и МВР за организиран криминал, заедно, за сите елементи за бегството на г-динот Груевски. Веќе е јасно како тоа се случувало надвор од Македонија. Верувам дека штом ќе ја завршат истрагата, час поскоро Министерството за внатрешни работи ќе ги обелодени сите детали, прецизно и внимателно како тоа се случило, но едно е јасно дека е со дипломатска кола на Унгарија.
Унгарија е наш пријател, мене ми е драго што продолжува да не подржуваат во нашите ЕУ и НАТО интеграции, така ќе продолжи. Тоа ќе го направиме секако на внимателен начин. Сите документи што ќе ги имаме, докази, аргументи ќе ги споделиме со јавноста, ќе ги предадеме на Унгарија, но и на Европската Унија, на комесарот Хан и на еврокомесарката или потпретседателката на Европската комисија за надворешна политика и безбедност. Ние сме со аспирација кон ЕУ и НАТО и ќе внимаваме многу да не нарушиме пријателство со било која од земјите кои што не подржуваат во НАТО и ЕУ. Унгарските власти тоа го знаат и најмалку што очекуваме е да го почитуваат меѓународното право и дополнително, пријателството со нашата земја да го докажат со тоа што ќе го екстрадираат Груевски.
Веќе се поднесени првите документи од наша страна. МВР, заедно со Министерство за правда ги комплетираат. Штом ќе бидат комплетирани ќе се поднесат. Ги доставуваме аргументите како што се, за какви други случаеви се водат судски постапки против г-динот Груевски, деталите зошто е осуден, за правосилната пресуда и слично. Го имаме целото право од една земја членка на НАТО и ЕУ да демонстрира кон нас земјите кандидатки, вклучително Македонија, владеење на правото, почитување на одговорноста, борба против корупцијата и криминалот.
Секако тоа ќе го направиме онака како што тоа го објаснив. Истрагата која што ја води МВР треба да утврди како избегал надвор од државата. Гледаме што се случувало надвор од државата и тоа е потврдено официјално од земјите. Еве го потврдувам и јас, затоа што документацијата која што е доставена до нас и од Албанија и од Црна Гора, соодветствува на тоа што е објавено во медиумите.
МВР штом ќе ја докомплетира истрагата, како што си личи, ќе објави: дали има одговорност, кај кого е одговорноста и кој за што ќе одговара, кои се причините, како тоа се случило, дали некој помогнал, дали некој не помогнал, дали системот некаде потфрлил... Тоа ќе биде максимално објавено.
Но, уште еднаш потврдувам дека борбата за владеење на правото, понесувањето на одговорност и борбата против криминалот и корупцијата се императив во Република Македонија и во името на тоа светло треба да знаат граѓаните дека ќе направиме сè г-динот Никола Груевски да служи казна овде во Македонија. Сè што постои во рамки на нашите можности, тоа ќе го направиме. Јавно го поставувам прашањето, знаејќи вака како се случувале работите, дали тоа доброволно г-динот Груевски ја напуштил Македонија, пред да биде издадена наредбата за неговото приведување пред Суд, или па можеби бил киднапиран?
Очекувам и Груевски и Унгарија да дадат одговори, затоа што тука се отвораат и други прашања, и во поглед на азил, правото на азил, и сето друго, и други околности. Редот е како држава да го поставиме јавно тоа прашање, затоа што после одговорот на ова прашање следуваат сериозни други прашања што имаат дебела суштина. Од тој аспект ова го зборувам јавно, за уште еднаш да ги уверам сите граѓани на Република Македонија дека ќе направиме сѐ што е во наша надлежност и сѐ што имаме на располагање како инструменти, Никола Груевски да биде екстрадиран дома и да ја отслужи својата казна, како и да си биде присутен за сите дела и процеси кои што се водат против него. Нема да застанеме додека тоа не се случи. Уште еден друг бивши премиер, Санадер, беше побегнал, па вака или онака се врати назад во државата. Нема да се откажеме до крај, поради тоа што им должиме на граѓаните.
Премиере, кога институциите ви ги кажаа тие информации? Од Албанија и Црна Гора вчера излегоа со информации.
Премиерот Заев: Вчера, преку ден ни ги кажаа информациите и ги доставија документите. Ние имаме соработка со Албанија и Црна Гора низ институциите. Впрочем и ние соработуваме со нив за било какви случаеви и тоа е така. Тоа уште еднаш потврдува дека соработуваме. Документите се доставени и реално тие одлучиле тоа да го објават јавно. Разликата е тоа што таму не се води истрага за оваа работа. Знаат како било, кога влегол, кога излегол, на кој граничен премин, како продолжил.
Важно е исто така да се знае дека Македонија мора и по закон и етички и одговорно да направи темелна истрага, и таа истрага да ја сподели со јавноста. Како што, исто така, за да ги разбиеме шпекулациите, треба да потврдиме дека ние знаеме дека Никола Груевски е во Будимпешта, да нема шпекулации: па бил во Албанија, па низ мориња ќе бегал во Црна Гора. Министерот за внатрешни работи на Унгарија уште во вторникот му се јави на министерот Спасовски и потврди дека Груевски е таму и потврди дека поднел барање за азил.
Нашиот амбасадор во Унгарија беше во МНР на Унгарија, таму се разговараше детално и направени се службени белешки. И таму е потврдено дека допрва ќе одлучуваат институциите за азил и потврдено е дека Унгарија останува пријател во поддршката на Македонија за ЕУ и за НАТО. Истовремено министерот за надворешни работи зборуваше со министерот за надворешни работи на Унгарија, Сиерто и тоа исто така е потврдено. Така да, нема дилеми каде е Груевски, тој е таму, бара азил. Јас се надевам како што меѓународното право тоа го дефинира, неговото барање ќе биде одбиено и ќе биде екстрадиран да се врати назад во Македонија.
Рековте дека има истрага, меѓутоа од тоа што беше објавено во медиумите, како течело бегството, станува збор високо организирана акција, а безбедносните служби овде не можеа да ги пресретнат. Дали одговорност ќе барате од министерот Спасовски и од останатите во МВР што можеби потфрлиле со оглед на тоа дека не беше и потерницата на време распишана?
Премиерот Заев: Истрагата ќе ги даде сите одговори на сѐ. Јас го разбирам гневот, постои кај мене, постои кај вас, постои кај јавноста, и со право е. Кога некој кој што цело време велеше дека е подготвен сѐ за Македонија, па и да оди во затвор, на кукавички начин бега од државата, гневот е голем и со право. Но, секако тој гнев заслужува одговори, одговорите ќе ги добиете и реков ако има некаде одговорност, таа одговорност ќе биде понесена.
Јас знам дека кога МВР доби наредба, во 16 часот во понеделникот, веднаш почнаа со наредбата за приведување и постапување. Ги видовте и во Скопје и на други локации секаде. Истовремено знам дека тоа што е законски дозволиво е преземено од страна на МВР четири недели пред да се случи бегството на Груевски, зборувам согласно нивните јавни овластувања кои што ги имам, е преземено сѐ. Јас сум информиран за сите детали кога, што, како се случувало и впрочем знаете дека г-динот Груевски беше транспарентен, присутен на седници во Парламент и на комисии, во судските процеси, често се објавуваа слики како џогира, односна трча покрај кејот со неговото обезбедување. Тоа прво потврдува дека нема никакви закани по живот, што значи лаже; втората работа дека апсолутно немало никакви индиции дека човекот нешто ќе направи. Од тој аспект сепак потврдувам дека четири недели претходно а можеби и повеќе, ќе кажат деталите, МВР постапувале со своите овластувања, кои што се однесуваат токму на следење и внимателност во делот на однесување и слично. МВР ќе ги кажат сите детали кога ќе направат реконструкција на случајот. Треба да ги почекаме институциите стручни за таа работа да ги обелоденат сите аргументи за тоа како се случило бегството.
Новинарите уште во август месец пишуваа за едно вакво сценарио. Дека Груевски најверојатно ќе избега од државата ако дел од пратениците гласаат за промена на името во земјава. Дали државните служби ве информираа за едно вакво сценарио како можност? Дали вие бевте, лично, свесен дека може нешто вакво да се случи?
Премиерот Заев: Секако дека бев свесен. Како што бевте свесни и вие. Само ќе ве информирам, не во август, уште 2015 година кога почнаа бомбите, дел од медиумите пишуваа дека може Груевски да избега, заедно со некои други од државата. И тоа е постојано присутна тема, нема дилема во таа работа.
Токму поради тоа, по свое овластување, по закон, МВР ги има, четири недели следено внимателно и јас сум информиран за сите тие детали. Зошто, затоа што сум претседател на Владата. Очекувам самите служби да ја завршат својата работа, и цело време ги следиме процесите. Ова апсолутно нема врска со гласањето во парламентот и најважниот политички процес кој што се одвива во моментов. Зошто нема врска? Прво нема врска затоа што господинот Груевски лично, ако имало врска барем ќе гласаше. Барем ако не друго, немаше да ги стави на осуденичка клупа колегите од партијата и другите колеги пратеници. Тоа што го направи е јасно како бел ден.
Втората работа, да, има влијание. Сега пост фестум, поради тоа што не знам дали тоа парламентарно мнозинство ќе се одржи, затоа што најверојатно, тој, ги предаде и своите поранешни другари соработници, сопартијци. И тоа е јасно како бел ден, и тоа го направи на нај нечовечки начин. И верувам дека одредени луѓе ги чувствуваат последиците, од нив.
Јас само ги мотивирам да бидат соработници на правдата, да зборуваат јавно и транспарентно, за да може да и помогнат на Македонија во целиот овој процес. Но тоа се процеси, кои што се водат во институции кои што апсолутно, ниту извршната власт ниту парламентот не смее да се меша.
Јас само ќе напоменам, јас сум политичар, и за мене прв приоритет е политичкиот процес во Парламентот. Зошто? Затоа што со тоа обезбедуваме НАТО и ЕУ иднина. Затоа што само со тоа ја осигуруваме иднината на Македонија. Не дека сето друго не е важно. Но сето друго на некој начин е условено од успешноста на ова. Јас верувам во парламентарниот капацитет на пратениците. Знаете дека се надевам дека бројките ќе растат. Истовремено споделувам дека сум исплашен за самите бројки. Затоа што ние не можеме да ја спречиме правдата во државата, постапките на правосудните системи. Дали е тоа обвинителство, СЈО, дали е судот, тие треба да работат и работат по закон. Како постапуваат тие, тоа има и рефлексија врз случаевите.
Јас сум политичар и делувам во Владата во парламентот, јавно, транспарентно, и верувам дека сите овие процеси паралелно ќе бидат обезбедени, затоа и секогаш повикувам на одговорноста на секој пратеник.
Пратениците имаат историска одлука пред себе, и верувам дека таа историска одлука ќе се потврдува во процесот сè до усвојувањето на уставните амандмани, затоа што со НАТО и со ЕУ има иднина и реформите во безбедноста на државата, ни борбата против корупцијата и организираниот криминал, и независноста на медиумите и реформите во јавната администрација, и сето друго што го правиме паралелно со политичкиот процес во Парламентот.
Рековте дека министерот Спасовски е во контакт со својот унгарски колега, дали постои опасност, како што се шпекулира, Господинот Груевски да избега во Русија или во Турција, значи Будимпешта да му биде попатна станица, бидејќи има многу стравувања кај јавноста од такво нешто?
Премиерот Заев: Лично не верувам, затоа што се чувствува сериозноста која што си ја носи Унгарија и тие веројатно тие ќе си ги дадат своите одговори онака како што доликува, а таа одговорност би била најверојатно огромна, неиздржлива, ако такво нешто се случи. Тоа веќе зависи од Унгарија. Тоа е надвор од контрола од нашиот систем на Република Македонија.
Јас верувам во тоа што го зборувам пред вас и во јавноста, дека ќе постапат по меѓународните регулативи, и ќе го одбијат барањето за азил. Затоа што овде не се работи за некој незгоден политички момент, или незгодност на некој политичар дома во државата, па поради тоа другата држава дава политички азил или слично. Овде се работи, за правосилна пресуда. За кој што нема дилема ниту Македонија ниту целиот свет. Впрочем, со своето бегство тој ја призна севкупната своја вина. И тука не треба да има никакви дилеми. Како ќе одлучува Унгарија е нејзино право, но тоа што ние го очекуваме, никако поинаку, да се екстрадира господинот Груевски назад, во Македонија, да си ја отслужи својата казна.
Премиере зошто споменавте киднапирање?
Одговор: Па не знам кој друг е соодветен збор. Знаете како, секоја амбасада е екстериторијалност. Односно е територија на друга држава во Република Македонија. Секоја дипломатска кола, секој авион, зависи кое знаме го носи, е екстериторијалност. Таму, нашата полиција, или нашиот систем, не може да делува. Од тој аспект, јавно прашувам, дали тој тоа доброволно го направил бегството, или бил киднапиран. Одговорот на ова прашање ќе даде многу одговори за кои што нашите граѓани заслужуваат да ги добијат.
Од тој аспект, очекувам одговори. Има таму, гледам Фејсбук на кој што се објавуваат информации, таму можат да дадат одговори. Унгарија може да даде одговор. Можат да дадат сите кои што мислат е дека се повикани да дадат таков одговор.