Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес конференција за Буџетот за 2019 година одговараа на повеќе новинарски прашања.
Одговорите на премиерот Заев и на министерот Тевдовски ви ги пренесуваме во целост:
Кога го презентиравте Буџетот во Министерството за финансии го спомнавте јавниот долг. Планирате да се зголеми од сегашните 48,2 на 54,2 проценти од БДП. Сега според последните податоци на Министерство за финансии, поправете ме ако грешам, јавниот долг е околу 5,1 милијарда. Може ли да ми кажете, во апсолутна бројка, колку ќе се зголеми јавниот долг, во пари и за што ќе се потрошат овие пари?
Mинистерот Тевдовски: Клучно нешто што ние го работиме во последнава година и пол, тоа е стабилизирање на јавниот долг. Како го правиме тоа? Постепено го намалуваме буџетскиот дефицит и вие гледате дека во Буџетот, буџетскиот дефицит кој што е проектиран повторно е намален. Сега изнесува 2,5 проценти од БДП.
Првата бројка со која ние започнавме беше 3 проценти од БДП, и постепено ја намалуваме. Мислам дека, бројката за јавниот долг како бројка не е содржана во Буџетот. Туку, таа бројка која што ја спомнувате, се наоѓа во фискалната стратегија која што Министерството за финансии ја објави на крајот на мај. Според законски утврдениот рок.
Ако ја погледнете фискалната стратегија, таму стои дека на крајот на годинава, јавниот долг ќе изнесува, 50 проценти од БДП. Но, во суштина, ако сега видите колкав е јавниот долг, тој изнесува 48,2.
Значи, многу пониско од тоа ние што сме го објавиле во фискалната стратегија.
Затоа онаа бројка, за која што има бранување во јавноста како проекција за следната година од 54 проценти, како наша проценка во Министерството за финансии, е дека ќе биде значително пониска.
Ова е првиот одговор на прашањето и второ, знаете дека јавниот долг, го сочинува буџетскиот дефицит, плус онлендинг кредитирање на државен долг, плус влечење на кредити на некои претпријатија, главно Јавното претпријатие за државни патишта, кое што не дел од Буџетот на Република Македонија.
Значи на централно ниво, ние работиме сè, буџетскиот дефицит да го намалуваме со тоа што да обезбедиме стабилизирање, намалување на јавниот долг и тоа го правевме. Вториот дел, во однос на Јавното претпријатие за државни патишта, треба да се имаат предвид преземените проекти како што е патот Кичево -Охрид, каде што интензивирањето на активностите ќе обезбеди влечење на тие кредити. И тоа што се гледа како зголемување, се работи главно за интензивирање на овие капитални инвестиции, кои што ќе го зголемуваат јавниот долг. Ние сме транспарентни и тоа го покажуваме.
Во моментов јавниот долг, според проекцијата на Министерството за финансии е понизок за 2,6 проценти затоа што, беше забавена динамиката на изградба на патиштата во Јавното претпријатие за државни патишта. Мислам дека, вие како новинари, и јавноста треба да бидете сигурни дека ние во моментов успеавме не само многу да ја забавиме динамиката на растот на јавниот долг, туку обезбедуваме и најниска можна цена за негово финансирање.
Значи, обезбедуваме еврообврзница со најниска историска каматна стапка, обезбедуваме државните хартии од вредност со намалена каматна стапка.
На пример, инструментите кои што биле порано, за една година, Исто така, фреквенцијата на издавање на хартии од вредност е намалена. Ако порано, три или четири пати се одржувале аукции во Министерството за финансии, сега сте сведоци дека не повеќе од два пати месечно се одржуваат. Сите овие работи прават многу успешно да управуваме со јавниот долг и со финансиите.
Немам сè уште одговор за сумата, цело време прашуваме за таа сума, колку е зголемувањето?
Премиерот Заев: Еве да се обидам и јас, заради тоа што работиме и заедно. Веројатно прашањето како тоа има 2,5 проценти дефицит, а долгот ќе порасне на 54 проценти од 48 проценти, каде е тој резервоар на парите, каде ќе одат тие пари?
Во јавен долг спаѓа не само основниот Буџет на државата и задолжувањето по него, спаѓаат и вонбуџетски институции. Најголем дел е, новиот договор со Ексим банката, за завршување на патот Кичево-Охрид. Гледате дека изнесува неполни двесте милиони евра. И тука е таа калкулација. И тој, не може да се искористи сега. Ќе се користи догодина, 2020 и 2021, па 2022 ќе заврши. А ќе се враќа кога е пропишано по Договорот.
Но, кога потпишуваме било каков Договор за заем, за буџетска институција или за небуџетска институција, транспарентно тоа го номинираме, го пишуваме. И тука е таа разлика. Пресметката е некој пет процентни поени, односно шест процентни поени од пет милијарди и сто, се триста и шест милиони евра.
Министерот Тевдовски: Да биде уште појасно. Јавниот долг си е буџетски дефицит плус онлендинг кредити кои што влегуваат во државен долг, плус институции што се надвор од Буџетот, како ЈП за државни патишта. Ако ние проектираме 2,5 проценти буџетски дефицит, тоа е тоа. И плус велиме дека зависно колку овие други институции, ќе влечат кредити. Тоа значи колку ќе има активност кај патиштата.
Значи, нашата интенција е таму да се интензивираат активностите, заради тоа сме ја ставиле целата сума, но колку навистина ќе излезе ќе зависи од тоа каков ќе биде интензитетот на реализација.
Министре, во Буџетот пишува дека дефицитот ќе се финансира со заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска Банка. Во 2012 година, имаше 100 амандмани на заемот од 50 милиони долари, кој што исто така беше за буџетски потреби. Разликата да ни ја објасните?
Министерот Тевдовски: Апсолутно има огромна разлика. Бидејќи, тогаш Буџетот изобилуваше со непродуктивни трошоци, како проекти кои што се неефикасни, споменици, жални врби, фасади и слично.
Сега ние, може да видите дека го бираме потешкиот пат, одбираме да правиме нешто, што е потребно за економијата, но е многу потешко за реализација, сведоци сте за тоа.
Второ, нашата интенција е да обезбедиме, тоа го кажав и претходно, најдобри услови за финансирање, односно најниска цена која што државата ќе ја плати, или пак на крајот граѓаните. Мислиме, дека нашата стратегија е целосно исправна, бидејќи интенцијата е да обезбедиме цена, која што ќе биде најниска можна на пазарот.
Премиерот Заев: И гарантирана со Светска Банка.
Колку е проектирано да изнесува тоа буџетско финансирање на тој начин?
Министерот Тевдовски: Во Буџетот може да ги видите проекциите. Имаме проекции за покривање преку домашни извори и преку странски. Во зависност од тоа какви ќе бидат условите за финансирање на домашниот пазар, ние ќе одиме на странски пазар. Во основа, гледаме дека во моментов постојат многу поволни услови, за финансирање на домашниот пазар, на 15 годишна државна хартија од вредност, 15 годишна на домашен пазар добиваме каматна стапка од 2,9 проценти. Ако знаеме дека еврообврзницата на седум години имала 2,75 каматна стапка, ова значи дека домашниот пазар дава прилично поволни услови. Ќе се обидеме, колку што се можностите, да го искористиме домашниот пазар, а за друго да го користиме странскиот. Секако во предвид имаме и тоа што не очекува во 2020 и во 2021 година, бидејќи посериозните обврски за државата ќе бидат во овие години.
Ме интересира дали сите Министерства, добија колку што побараа пари за следната година? И бидејќи Буџетот е поголем, претпоставувам дека и сите ќе добијат и поголеми буџети за 2019 година. И второ прашање, дадовте многу општи податоци за капиталните инвестиции, годинава, тие се, благо речено катастрофални во реализацијата. Ме интересираат поконкретни информации, ќе почне ли да се гради нов Клинички центар? Што ќе се случува со гасификацијата, која што е стопирана во моментов? Со пругата кон Бугарија?
Премиерот Заев: Не добија сите министри тоа што го бараа, заради тоа што Буџетот има лимитирана рамка. А, впрочем и не заслужуваат, во делот на реализацијата на капиталните инвестиции.
Јас се надевам дека прво, објективните причини се тргнати, а тоа се недоволниот број на проектите, незавршени тендерски постапки или слично. Ја дефиниравме со гантограми и одговорноста на луѓето. Зборувам за стравот, кој што постои во институциите да влезат во инвестиции и проекти. Сите овие и субјективни и објективни околности се отстранети и верувам дека ќе пораснат капиталните инвестиции. Впрочем очекувам со пресекот на 31 декември да утврдиме дека тие не се такви кави што што велите вие - катастрофални, туку да бидат подобрени, секако послаби од она што го очекувавме.
Но, тоа ќе ни биде доволен индикатор, дека сме на добар пат за реализацијата во 2019 година. Овде, се работи за реализација на железничките пруги, гасификацијата и патиштата. Тие се најголем дел од капиталните инвестиции. Потоа, исто така значајни се, водоводи, фекални и атмосферски канализации, болници, училишта, основни и средни, спортски сали, спортски терени, детски градинки, сето она што претставува капитална инфраструктура.
Ослободена е и откочена, после три цели години, првата фаза на железничката пруга, Куманово-Бељаковце. Со откочувањето, веќе се работи на динамиката. За жал, државата плати клеимови во преговорите, заради тоа што причина за застојот беше непостоењето на проектна документација за која што државата презела обврска во Договорот за изведба. Но, тоа е откочено. Втората фаза, техничкиот дијалог е во тек. Имаме, 15 понуди за втората делница која што е вредна 140 милиони евра. Веднаш тргнавме, во подготовка сите надлежни институции, Министерството за финансии, Потпретседателот на Владата за економски прашања, Министерството за транспорт и врски, „МЖ инфраструктура“ за третата фаза која што е вредна 350 милиони евра, може и повеќе, за да може да има континуитет и да го завршиме целиот тој процес, односно да прејудицираме уште понавремено, вакви проблеми, кои што биле кочница на развојот на капиталните инвестиции.
Гасификацијата се гради веќе на двата правци, едниот кон Кавадарци, Прилеп и Битола. Таму е најголем дел од експропријацијата решен и се гради интензивно гасификацијата.
Се гради и на потегот Скопје-Тетово-Гостивар. Оваа година испроектиравме динамика каде што 54 проценти се решени веќе имотно-правните односи од Гостивар кон Кичево. Што значи, понавремено веќе ги решаваме работите. Сето тоа, ми дава за право, да верувам дека и гасификацијата со засилено темпо ќе се реализира.
Патиштата се реализираат сите, освен Кичево-Охрид, кој што имавме добро познат проблем. Со усвојувањето на Анексот, веќе тргнаа оперативите. Таму се работи на четири подделници. Работат стотици подизведувачи, во целиот тој дел. И верувам дека и тоа е отстрането.
За Клиничкиот центар следува идната седмица дебата во Парламентот. Во Владата заврши Комисијата, за делот на локациите. Покрај постоечката локација во Скопје Север, имаме локација во Петровец, имаме локација во Ѓорче Петров. Заедно, кога ќе ја утврдиме локацијата, јас верувам дека предностите ќе бидат таму каде што нема да има потреба да се решаваат имотно-правни односи, односно локација со најмногу државно земјиште, најлесна урбанизација и лесно адаптабилна проектна документација на главен дизајн или главен проект. Ако сето тоа ние успееме да го завршиме до првото полугодие, ќе тендерираме заклучно до првото полугодие избор на изведувач. Се работи за џиновски проект, проектиран, грубо кажано околу 450 милиони евра, кој што е влезен во севкупниот план за контролиран јавен долг на државата. Така да, ако тргнеме и со таа активност, тоа е дополнително значење.
Во Буџетот ќе видите дека има 30 милиони денари за документација на депонии. Имаме намера, преку јавни приватни партнерства и концесии да ги решиме депониите во државата, кој што влијае исто така на капиталниот развој, на државата за севкупниот економски раст и развој.
Имаме 102 милиони евра, ако не се лажам, готови, проверени, исконтролирани проекти за водоводи и канализации во државата.
Имаме за некои 20,30 милиони евра, готови за училишта и 10 до 20 милиони за детски градинки. Има документации, што е супер.
Најголем проблем е кога немате документација. Еве, ги споделуваме максимално транспарентно, од каде произлегуваат нашите очекувања, а верувам дека сме и поискусни, после година и шест месеци за да можеме сите овие работи да ги ставиме во функција на развој.
Колку средства се предвидени за гасификацијата за следната година?
Премиерот Заев: 2 милијарди, деветсто дваесет и седум милиони денари и дополнително плус буџетски средства од педесет милиони плус, ставивме за експропријации, за да работиме на Гостивар Кичево кога ќе почне реализација, веројатно не порано од 2020 година, за да може да ги пресретнеме самите овие постапки. Гасификацијата ја има во буџетот, како што ги има и железниците во буџетот. Патиштата се надвор од буџетот целосно.
Од презентацијата рековте дека за зголемување за платите во здравството кај медицинскиот кадар, стартува од јануари, претходно изјават беше од септември, во меѓувреме тие се побунија на нееднаквиот процент на зголемување. Дали отстапката до тука завршува место од септември во јануари?
Премиерот Заев: Направивме екстра напори, јас им благодарам на сите министри, посебно на тимот од финансии, но и сите министри, за доблеста да тоа што го знаеме сите и го сфаќаме да го преточиме во дело.
Обезбедивме дополнителни стотици милиони денари за да можеме да излеземе во пресрет на барањето на медицинските сестри. Замислата беше да почнеме со 5% како и за останатата администрација, тука се и општите лекари, но тука се и детските градинки, училиштата, МВР, одбраната и сите други институции, но не можеме да останеме глуви на аргументациите кои што ги вадат, нивниот личен страв од мотивацијата за лесно заминување, а и можноста и верификација дека е дефицитарен кадар дефинитивно во Македонија и дека треба да направиме сè што треба. Нивните барања беа да се помести покачувањето од септември во јануари и да порасне за 10%. Сакавме и двете заедно, но нема пари. Толку се парите за да може да ги алиментираме сите.
Сепак излеговме во пресрет наместо од први септември, од први јануари ќе важи покачувањето за медицинските сестри, тука спаѓаат и болничарите секако.
Министре Тевдовски, може конкретно да ни кажете колку ќе изнесува задолжувањето на домашниот пазар до година и на надворешниот пазар, и колкави се обврските под основ на стари долгови? Дали ова ќе значи дека редовните аукции на државни хартии од вредност ќе бидат почести и на поголеми износи?
Министерот Тевдовски: Задолжувањето на домашниот пазар може да се види во Буџетот. Во основа ние во овој период водиме политика на домашен пазар главно да ги „роламе“, практично кои што се обврски од претходни периоди да ги обезбедуваме само нив, а дополнително нешто да зголемуваме доколку има можности и доколку е потребно.
Тоа ќе го продолжиме и во иднина, бидејќи клучно е колкаво е нето задолжувањето и да продолжиме практично да ја водиме политиката на две аукции месечно, апсолутно успешно го правиме. Во периодот нема причина зошто да одиме на повеќе аукции, ние нема да влеземе во тоа како што правеше претходната власт, да има аукции 3 или 4 пати месечно. Значи апсолутно сме сигурни дека целото реализирање на издавање на хартии од вредност ќе остане 2 пати месечно.
Рековте дека долгот ќе порасне за 300 милиони евра. Тоа е пресметано врз основа на сегашниот јавен долг, но доколку го пресметаме врз основа на бруто домашниот производ, тој е многу поголем, околу 600 милиони евра.
Министерот Тевдовски: Долгот се пресметува како буџетскиот дефицит, плус средствата од јавните претпријатија кои не се финансираат од буџетот, како ЈП за Државни патишта, и од он лендинг кредитирања кои што влегуваат во државниот долг. На формирањето на јавниот долг влијае дефицитот за идната година изнесува 2,5% од БДП, односно околу 17 милијарди денари, пресметано во евра е нешто повеќе од 300 милиони евра, ако и степенот на остварувањето на капиталните инвестиции кои што влечат средства од кредитите за да ги исплатат реализациите на тие капитални проекти.
Ние одиме со максималниот износ што може да се оствари во фискалната стратегија, и тој не може да се надмине кај буџетскит дефицит, исто како што не може да се надмине и кај јавните претпријатија, а колку ќе изнесува зависи од интензитетот на активности на капиталните инвестиции. Бидејќи тој интензитет беше понизок од она што ние го очекувавме, во фискалната стратегија стои дека долгот ќе биде 50,6 проценти од БДП, но на крајот тој ќе биде понизок барем за 2 процентни поени, или 200 милиони евра помалку, ако сакате во апсолутни бројки.
Премиерот Заев: Ако може да додадам: 6% од ГДП е 600 милиони евра. Тие се формираат од она што го предвидува дефицитот од 17,7 милијарди денари, односно околу 300 милиони евра, и со новиот кредит од Ексим банката од блиску 200 милиони за да се заврши автопатот Кичево – Охрид, плус кредитите за регионалните патишта, како и делницата Скопје – Блаце, и така се стига до 50,6 проценти од БДП како што соопшти министерот, односно не повеќе од 600 милиони евра. Прво тоа го ограничува дефицитот, и второ го ограничува соопштениот процент од БДП за јавниот долг на државата.