Премиерот Заев на Светската галерија на карикатури: Остен е незаобиколна точка на мапата на светот од Балканот како срце на уметноста

Вчеравечер, под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во Националната галерија Чифте амам се одржа јубилејната манифестација „Остен - уметност на хартија“ по повод 50 години Светска галерија на карикатури Скопје 2018.

Премиерот Заев изрази особена чест и привилегија што ја прогласи за отворена големата изложба со дела од меѓународни уметници и документарната изложба „50 години Светска галерија на карикатури“.

„Честа е уште поголема и заради тоа што, како покровител на овие наши уникатни, единствени, културни проекти, имам и одговорност и обврска да им посакам добредојде на нашите уметници и карикатуристи, но и на повеќе од 200 наши гости од десетици земји од светот. Светската галерија на карикатури, која се организира веќе 50 години, е културен бренд, настан и датум запишан со црвено во календарот на меѓународните настани од сферата на културата“, порача премиерот Заев. 

Тој подвлече дека оригиналноста и уникатноста на оваа манифестација е една од карактеристиките што ја одржа како важна и неодминлива точка на спектарот на светските културни настани. 

„Светската галерија на карикатури е основана од прогресивната меѓународна заедница на шестите Средби на солидарност во Скопје во 1969 година и со тоа Скопје стана важна референтна точка на оваа дејност на мапата на светот“, истакна премиерот Заев.

Директорот на Остен, Мице Јанкуловски во својот поздравен говор рече дека Светската галерија на карикатури е најголемиот светски бренд во карикатурата и најголемиот македонски бренд во културата и во светот. 

„Додека се одржува оваа манифестација, Скопје е град на современата светска карикатура, собиралиште на карикатуристи од целиот свет, место каде што се разговара за карикатурата  вчера, денес и утре“, рече Мице Јанкуловски, директорот на Остен. 
Претседателот на интернационалното жири на Остен Биенале на цртеж Скопје 2018, Манос Стефанидис, порача дека уметноста бара отворен ум, отворено срце и чувствителност. 

„Имам чувство дека тука вечерва се случува нешто многу важно: имаме музеј, имаме колекција, сето тоа е многу живописно и вчудоневидувачко, но истовремено се наоѓаме во центарот на Европа и тоа објаснува дека уметноста на Балканот е исто така во срцето на уметноста на Европа“, рече Манос Стефанидис, кој истовремено е куратор на Националната галерија на Грција и професор по историја на уметност на Универзитетот во Атина. 

Педесеттото издание на Светската галерија на карикатури оваа година го обележаа 792 дела од 208 карикатуристи од 50 земји во светот, а на Остен Биеналето на цртеж Скопје 2018 учествуваа 868 автори од 61 земји со 2.317 дела. 

На централниот настан се доделија награди на уметници и признанија на партнери и соработници на Светската галерија на карикатури и Биеналето на цртеж. Главните награди на Биеналето се доделија на Пјер Сулаж од Франција, со наградата Гран при за животно остварување и на Хенри Мур од Обединето Кралство, со наградата Светско културно наследство.

Иницијативата на ОСТЕН - уметност на хартија со Светската галерија на карикатури, Биеналето на цртеж и Биеналето на наградените автори го најавија и формирањето на - Остен Музеј на цртеж. 

„Овој нов предизвик - формирањето на Остен Музејот на цртеж во Скопје, ќе овозможи повеќе-илјадната збирка на Остен да биде соодветно архивирана и евидентирана, ќе се овозможи нејзина заштита и чување, стручно истражување, обработување, проучување, презентирање и публикување, а самата збирка ќе биде достапна за македонската и светската јавност“, заокружи премиерот Заев.
 


Интегрално обраќање на премиерот Заев на Светска галерија на карикатури Скопје 2018

 

Имам особена чест и привилегија да ве поздравам на централниот од серијата настани на јубилејната манифестација „Остен - уметност на хартија“ по повод 50 години Светска галерија на карикатури Скопје 2018, која во себе ги обединува и делата од Биеналето на цртежи и од Биеналето на наградените автори.

Честа е уште поголема и заради тоа што, како покровител на овие наши уникатни, единствени, културни проекти, имам и одговорност и обврска да им посакам добредојде на нашите уметници и карикатуристи, но и на повеќе од 200 наши гости од десетици земји од светот.

Вашето присуство вечерва, овие денови, во нашата држава, е голема чест и признание за придонесот и трајниот белег што го оставија Светска галерија на карикатури, Биеналето на цртеж и Биеналето на наградените автори. Светската галерија на карикатури, која се организира веќе 50 години, е културен бренд, настан и датум запишан со црвено во календарот на меѓународните настани од сферата на културата.

Светската галерија на карикатури е основана од прогресивната меѓународна заедница на шестите Средби на солидарност во Скопје во 1969 година, и со тоа Скопје стана важна референтна точка на оваа дејност на мапата на светот.

Оригиналноста и уникатноста на оваа манифестација е една од карактеристиките што ја одржа како важна и неодминлива точка на спектарот на светските културни настани. Исто како и Струшките вечери на поезијата, или Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, како и повеќе други културни проекти од меѓународно значење.

Сакам да ги спомнам вечерва: Блаже Конески - како кум на името „Остен“, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Владо Малески, Василије Цицо Поповиќ, Панде Јаревски, Миле Попоски, Дарко Марковиќ, Владо Јоциќ, Дукан Јелен, Ефтим Проевски, Димитар Чудо, Ане Василевски, Мице Јанкуловски... 

Имињата и придонесот на сите овие наши значајни ликови, како и сите оние што секако заслужуваат, а не беа спомнати, претставува голема обврска, но и мотив одбележувањето на годишнината да се организира најдостоинствено. 

Педесет годишнината од Светската галерија на карикатури ќе биде трајно забележана во културниот и општествениот живот на нашата и меѓународната заедница.  ОСТЕН ќе организира документарна изложба, ќе издаде публикација и ќе продуцира документарен филм “50 години Светска галерија на карикатури (1969 – 2019).

Остен Биеналето на цртеж со секое свое ново издание е сè поуспешно. За тоа говорат и бројките: На овогодишното издание, на Остен биенале на цртеж Скопје 2018 пристигнаа пријави од 868 автори од 61 земји од светот со 2317 пристигнати дела.

Оваа година главните награди на Биеналето се доделени на:
Пјер СУЛАЖ од Франција - со наградата Гран при за животно остварување, и на Хенри МУР, Обединето Кралство - со наградата Светско културно наследство.

И, внимавајте, иницијативата на ОСТЕН - уметност на хартија со Светската галерија на карикатури, Биеналето на цртеж и Биеналето на наградените автори не запира и го најави формирањето на - ОСТЕН МУЗЕЈ НА ЦРТЕЖ. 

Овој нов предизвик - формирањето на ОСТЕН МУЗЕЈОТ НА ЦРТЕЖ во Скопје, ќе овозможи повеќе-илјадната збирка на ОСТЕН да биде соодветно архивирана и евидентирана, ќе се овозможи нејзина заштита и чување, стручно истражување, обработување, проучување, презентирање и публикување, а самата збирка ќе биде достапна за македонската и светската јавност.

Благодарам за вниманието, ја прогласувам изложбата за отворена и ве поканувам заеднички да ја разгледаме.