Министерот за здравство, Венко Филипче и директорот на ЈЗУ Универзитетска Клиника за кардиологија, Жан Зимбаков, утринава го отворија Skopje Interventional Meeting, настан кој е од круцијално значење за размена на знаења и искуства кај медицинскиот персонал, како и унапредување на медицинската експертиза.
Во своето обраќање, министерот Филипче информираше дека Клиниката за Кардиологија, според бројот на срцеви интервенции и особено бројот на интервенции кај акутниот срцев удар, е еден од најголемите центри на Балканот.
Дневно се изведуваат срцеви интервенции кај 30-тина пациенти, и 5-10 акутни срцеви удари. Истовремено клиниката има голем број на периферни интервенции, пред сѐ каротидното стентирање и интервенциите на артериите на нозете.
„Ова е резултат на работа на цел тим, не само од интервентни кардиолози, туку и ехокардиографисти, интензивисти, и голем средно медицински тим“, потенцираше министерот Филипче.
Постојаниот развој на медицината бара следење на сите современи текови и затоа се организираат вакви собири, со присуство на врвни експерти. Денешниот симпозиум има за цел да се прикажат најновите препораки и достигнувања во периферните интервенции.
„Очекувам од следниве два дена да произлезат многу нови знаења и заклучоци кои ќе ја подобрат здравствената заштита во областа на кардиологијата“, рече министерот Филипче.
Министерството за здравство ги следи барањата на Клиниката за кардиологија и ги поддржува во нивниот развој. Во следниот период ќе се вложува во подобрување на капацитетите, зајакнување со нов кадар и опрема, како и воведување на нови и современи кардиолошки интервенции во секојдневната работа.