Дебата: Системски решенија за регистрација на лицата без документи и спречување граѓаните да останат без државјанство
Во среда (28.11.2018) со почеток во 11:00 часот во Медија центарот на Владата на Република Македонија, ќе се одржи дебата на тема „Системски решенија за регистрација на лицата без документи и спречување граѓаните да останат без државјанство“.
На настанот ќе се обратат претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар, претставник на УНХЦР во Скопје, Дејан Кладарин и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, кои ќе дадат осврт на системските решенија за регистрација на лицата без документи и спречување граѓаните да останат без државјанство.
По обраќањата, следува презентација на анализата на правната рамка поврзана со раѓање и регистрација на граѓаните, во контекст на спречување граѓаните да останат без државјанство, од страна на Борче Давитковски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во Скопје, по што ќе се отвори и дискусија на темата.