Премиерот Груевски се сретна со Генералниот секретар на НАТО Расмусен
Повторно да се разгледаат заклучоците од НАТО Самитот во 2008 година во Букурешт кои се однесуваат на Република Македонија, да се земе предвид Хашката пресуда во која јасно се укажува прекршување на некои од одредбите во Времената спогодба од страна на Грција, почитување на Времената спогодба од 1995 година и од јужниот сосед, побара премиерот Никола Груевски од Генералниот секретар на НАТО Андрес Фон Расмусен.
- Независно на сите очекувања и предвидувања за престојниот самит на НАТО во Чикаго, на средбата со генералниот секретар на НАТО Расмусен уште еднаш укажав на нашата исправност да бараме да бидеме дел од Алијансата, изјави премиерот Никола Груевски по завршувањето на состанокот на Северноатланскиот совет, на кој, како што информираа од македонската делегација нашата држава била ословувана со уставното име.
На денешната средба со Расмусен во Брисел, Груевски побарал и Грција, како членка на НАТО, да го почитува меѓународното право и во иднина да не ја злоупотребува економската криза во државата за избегнување натамошен дијалог под покровителство на медијатотрот Метју Нимиц, како што се случи минатата недела во Њујорк.
Тој смета дека Грција треба да ја почитува и Времената спогодба во која се обврзува дека нема да ја попречува Македонија во меѓународните организации, доколку земјата аплицира под привремената референца.
Последица на непочитувањето на Спогодбата, според премиерот, е пресудата од Меѓународниот суд на правдата во корист на Македонија, одлука која, како што рече, очекува да биде почитувана од страна на Алијансата на следниот самит на НАТО.
Македонскиот премиер нагласи оти во меѓувреме Владата интензивно се обидува да најде решение за спорот со името, наметнат од Грција пред 20 години, кое би било од заеднички интерес за двете држави.
- Грција не смее да ја употребува економската криза како изговор за избегнување на натамошен дијалог, во смисла државите членки на НАТО, да не и вршат притисок, повеќе отколку што сами сметаат дека го имаат. Во моменталнава состојба, ние немаме кредибилен партнер за преговори, изјави Груевски додавајќи дека доказ за тоа е и фактот што грчкиот премиер во преодната Влада се апстахира од одговорностите кои се надвор од решавање на економските проблеми.
На состанокот на Северноатлантскиот совет (НАЦ), премиерот Никола Груевски доби потврда дека Македонија де факто функционира како дел од НАТО, со сериозен придонес и ангажман во сите мировни мисии. Амбасадорите ја поздравија улогата на Македонија како контрибутор, нејзината улога во обезбедувањето регионалата стабилност и реформате што ги спороведува Владата во сите сфери.
- Република Македонија ги има преземено сите обврски како членка, но за жал нема можност да ги користи бенифитите од членството во НАТО, потенцираше Груевски.
Тој додаде оти Владата останува посветена во својата стратешка цел, да стане рамноправна членка на НАТО алијансата, и во таа насока пред амбасадорите ги презентираше резултатите од реформските процеси во правосудниот систем, борбата против криминалот и корупцијата, во јавната администрација, модернизација на инфраструктурата и подобрување на статусот на медиумите.