Премиерот Заев со министерот Филипче на средба со пратеници за Клинички центар: Опозицијата со поддршка за изградба на нов Клинички центар и важно е одлуките да ги донесеме заедно

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, синоќа во Собранието на Република Македонија одржаа информативна средба со пратениците и ги запознаа подетално со иницијативата за  утврдување на локација за изградба на нов Универзитетски клинички центар.

Премиерот Заев и министерот Филипче, поздравувајќи го покажаниот интерес на пратениците да се вклучат во неформалната дебата за изнаоѓање на најсоодветно решение за новиот Клинички центар, најпрво пред нив, информираа  за потребата од дислоцирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, поради сериозните проблеми со големата фреквенција на сообраќај, кој им го отежнува пристапот на граѓаните и пациентите до објектите каде добиваат  здравствени  услуги од терцијарно специјалистичко и субспецијалистичко здравство.

Подвлекувајќи дека проектот кој вреди 450 милиони евра е од суштинско, национално значење за граѓаните, премиерот Заев истакна  дека во изминатиот период во соработка со ресорните Министерства, градоначалниците, експерти и советници биле разгледувани локации за градење на Клиничкиот центар во општината Ѓорче Петров и Петровец, како и локации во општините Илинден и Гази Баба. 

Информирајќи подетално за предлог локацијата „Веле Поле“ во општина Ѓорче Петров, премиерот Заев ги истакна позитивните страни на овој проект и подвлече, дека при одбирањето на најпогодна локација се води сметка земјиштето да е во државна сопственост, за да нема потреба од дополнителни трошоци за експропријација, се оценува достапноста на водоводна мрежа и достапност на гас, енергетска ефикасност, развиена примарна патна мрежа со близина на обиколницата и соодветни вклучувања во неа. 

Премиерот Заев,  објасни дека при изборот на локациите немало никаква протекција и подеднакво се остварува соработка и со градоначалниците на опозицијата и со оние на владејачката коалиција. 

Премиерот Заев пренесе дека компаративната анализа за локацијата Петровец покажува слабост во поглед на структуираноста на проектирањето и изведбата на проектот, во однос на подземниот дел, заради мочурливото земјиште и подземните кои ќе повлечат поголеми издатоци за самата изведба. 

„Владата е максимално отворена, опозицијата дава поддршка, за потреба од изградба на Клинички центар и важно е одлуките да ги донесеме заедно. Само така со гледањето и со окото на опозицијата ќе знаеме дека најдобрата одлука е донесена, во врска со локацијата. Секако опозицијата со будното око ќе продолжи и понатаму да го мониторира целиот процес, но ова е важна одлука која треба да се донесе“, порача премиерот Заев пред пратениците во Собранието на Република Македонија.
 
Министерот Филипче, се осврна на важноста на дебатата со опозицијата, со цел Владата да ги прикаже сите аргументи, кои што укажуваат за позитивните аспекти и недостатоците на сите разгледувани локации и за кои се земени предвид анализи на повеќе експерти од областа на урбанизмот.
 
За ваков голем проект, како што е Клиничкиот центар, нема партиски, национални или други разлики за изградба. Ќе реализираме објект кој ќе им служи на сите граѓани од град Скопје, на целата држава, еден објект кој што не е направен во ниедна од Републиките на поранешна Југославија за што мислам дека сериозно ќе бидеме во предност во квалитетот на здравствената заштита која што ќе можеме да ја дадеме, сериозно да го зајакнеме капацитетот на нашиот здравствен систем посебно на ова највисоко терцијарно ниво и најмодерните и најсовремени медицински услуги да бидат достапни за сите“, додаде министерот Филипче, објаснувајќи дека локацијата Веле Поле, се наоѓа на самата оска на обиколницата, веднаш на влезот на град Скопје, од правецот на Тетово.
 
Тој информираше дека е изработен и елаборат за услови на планирање на просторот во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, во кој е утврдено дека постојат поволни климатски услови во средината, како и многу елементи во прилог на економскиот и просторниот развој на општината.
 
Пратениците од опозицијата, ја поздравија денешната иницијатива на претставниците на Владата на Република Македонија низ отворена и дебата да разговараат за сериозни прашања, кои се од национален интерес, а премиерот Заев и министерот Филипче повикаа на конструктивна соработка и надминување на партиските, националните и други разлики, во интерес на изнаоѓање најдобри решенија за граѓаните.