Привремените мерки за заштита од семејно насилство и добрите пракси и предизвици беа тема на денешната дебата по повод 16 дена активизам на која присуствуваше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
„Системот за превенција за да спречи било каква форма на насилство врз жените и девојките мора да вклучи работа и со сторителите на насилството. Работиме на унапредување и унифицирање на системот за постапување, изготвени и усвоени се стандарди и процедури за сите форми на насилство во соработка со граѓанскиот сектор. За првпат е отворено засолниште за згрижување на жртви на сексуално насилство, а заедно со министерството за здравство отворени се 3 центри за жртви на сексуално насилство во состав на здравствените установи во Куманово, Тетово и Скопје“, рече министерката Царовска на денешната дебата, организирана од Асоцијација за здравствена едукација и истражување, како дел од проектот „Советувалиште за превенција од употреба на дроги и семејно насилство“, поддржан од Град Скопје.
Министерката изрази голема почит и благодарност кон сите оние кои секојдневно работат да им овозможат помош и поддршка на жените жртви на насилство. Потсети дека неодамна Владата го усвои Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција за периодот 2018-2020 година, и на иницираните измени на Кривичниот законик, но и на подготовката на предлог законот за родово засновано насилство кои се прават во соработка со Министерството за правда.
Царовска истакна дека државата има должност да обезбеди услови за живот безбеден од насилство за секој поединец. Но, за да се постигне реален успех во оваа борба сите ние мораме да продолжиме да работиме и заедно да испратиме јасна порака дека никој не смее да молчи.
На дебатата присуствуваа и претставници од Министерството за внатрешни работи, судии и граѓански организации коишто работат на случаи поврзани со насилство врз жените.