Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во Брисел учествуваше на конференција за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, посветена на проширувањето на Унијата, интеграцијата и предизвиците од трансформацијата на земјите од регионов. На самитот, министерката Шекеринска зборуваше на првата сесија насловена како „ЕУ-Западен Балкан: се уште комплицирано“.
Обраќајќи се пред присутните Шекеринска рече дека во политиката во регионов премногу долго се користел изговорот дека се комплицирани прашањата. „Така беше и со односите на Македонија со Грција и со Бугарија, но ние наместо да се оправдуваме дека е комплицирано, работевме да ја смениме ’статус кво’ ситуацијата. Успеавме да го решиме тридеценискиот спор поради лидерството и храброста од двете страни.“, рече министерката.
„Ова лето не само што го склучивме договорот со Грција, туку и го ратификувавме во нашиот Парламент, во моментов ја премостуваме и втората пречка за негово спроведување.Парламентот во два наврати веќе гласаше за уставните измени. Направивме напори за спроведување на успешен процес и сме решени да имаме успешна завршница“, подвлече министерката Шекеринска.
Министерката истакна дека членството во ЕУ не е само да се пополнат графите за бараните услови туку е всушност трансформацијата на општеството. „Вистинската трансформација во повеќето земји од Централна и Источна Европа се одвивала за време на пристапниот процес. Значи, она што го бара Македонија е да почне тој процес на преговори“, нагласи таа.
Во рамки на работниот престој во Брисел, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска синоќа имаше работна вечера заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров и НАТО амбасадорите, а за утре е предвидена средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини. На средбата ќе биде направен пресек на состојбите во евроинтегративните процеси и актуелните прашања во земјава.