Денес заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули имаше воведно обраќање на министерска конференција: „Иновативни решенија за намалување на загадувањето во Југоисточна и Јужна Европа“, која се одржува во Белград. Конференцијата е во организација на Министерството за заштита на животната средина на Република Србија во партнерство со Програмата за заштита на животната средина на ОН и со поддршка на Министерството за заштита на животната средина, копното и морето на Република Италија
Во своето обраќање, заменик-министерот го презентираше националниот План за чист воздух, кој доби отворена поддршка.
Истакнато беше, од големиот број на учесници, дека Република Македонија нуди конкретни мерки за справување и решавање на проблемот со аерозагадувањето, како глобален проблем, со кој се соочуваат голем број на држави и во регионот и пошироко.
На Конференцијата беше усвоена Декларацијата „Иновативни решенија за намалување на загадувањето“, како еден вид на заедничка министерска визија за справување со овој проблем.
Исто така, беше нагласено дека Планот за чист воздух е во целосно во согласност со Декларацијата.
На маргините на Конференцијата, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули оствари билатерална средба со министерот за животна средина на Република Србија, Горан Триван.
На средбата со министерот Горан Триван, се разговараше за зајакнување на соработката во областа на заштитата на животната средина и беше договорено да се пристапи кон подготовка на меморандум за соработка меѓу двете држави кој предвидува заедничка акција за пошумување на меѓуграничниот простор на македонско-српската граница, вклучувајќи ги сите ресорни институции.
Двете држави се посветени кон изнаоѓање на заеднички начини и мерки за спречување на загадувањето во овој дел на Европа.